Почнува ли Бугарија да „раскрстува“ со Македонците со Бугарски пасоши?

0

Oпштината Благоевград започна процедура за бришење на 3.526 избирачи од селото Рилци. Како што пренесува Факти.бг, а пренесува Сител, станува збор за бугарски државјани од Македонија.

Бришењето започна година ипол по добиените сигнали од жителите на селото дека тие се регистрирани во избирачкиот список, а никој не ги има видено.

Тие побарале нивно бришење од избирачкиот список уште пред локалните избори во 2019 година.

Но, според кметот на Рилци, Крум Крумов, наспроти постапката за бришење, тие ќе имаат право на глас на парламентарните избори. Лицата се водат на непостоечки адреси на неизградени или новоизградени објекти, а државјани на Бугарија станале во последните 15 години.

Рилци не е единственото село со илјадници фиктивни жители. Во блиското Бело Поле на адреса на трафостаница се регистрирани 600 лица од Македонија. Според податоците на општината, во Благоевградско има близу 25.000 Македонци со бугарско државјанство, пренесува Сител.

Односите меѓу Македонија и Бугарија последниве месеци се на најниско можно ниво во последните неколку години. Бугарија неколку пати предупреди дека ги следи коментарите против нејзината земја, особено од лица на кои им има дадено свое државјанство, а кои на тоа возвраќаат со фрлање „дрвја и камења“.

Некои аналитичари во двете земји, прогнозираат дека е можно Бугарија да направи некаква ревизија на доделените државјанства.

Андреј Ковачев, бугарски европратеник, заменик претседател на групата на Европската народна парија (EPP), член на комисиите за внатрешен пазар, надворешна политика и меѓународна трговија, Претседател на Сојузот на бугарските федералисти во Бугарија и заменик претседател на Унијата на европските федералисти, минатата есен, некаде при крајот на ноември, одговараше на актуелни прашања во интервју за македонскиот портал Трибуна.

На прашањето од новинарот на Трибуна, какви мерки ќе превземе Бугарија во однос на негативната кампања, која се одвива во македонските медиуми кон неа? Се размислува ли за одземањето на бугарските државјанства на лица кои активно се служат со говорот на ом раза кон Бугарија заради некој нивен личен интерес, Ковачев тогаш рече:

-Ние сакаме да има транспарентност по тоа прашање. Можеби знаете дека според процедурата за добивање на бугарско државјанство по потекло, вклучува и Декларација во која што кандидатот декларира дека има бугарска самосвест, бугарски идентитет, а според таа Декларација се носи и казнена одговорност според членот 313 од Казнениот кодекс на Република Бугарија.

Тука се разбира е и декларацијата дека неговите родители, предци биле Бугари. Биле дел од бугарската заедница во бугарски села и градови, во Егејска и Вардарска Македонија.

Секој кандидат што добил бугарско државјанство го докажал своето бугарско потекло по мајка, по татко или по двете линии. И самиот тој декларирал во посебна Декларација дека самиот тој се чувствува како Бугарин.

Овде зборуваме за повеќе од 120 000 македонски државјани, кои имаат двојно државјанство од кое бугарското го добиле по потекло. За нас е многу непријатно кога такви луѓе што декларирале дека се Бугари и докажале пред бугарската држава дека се Бугари, потоа работат против Бугарија и не работат за добрососедството.

Секој што сака и се смета за Бугарин може да добие бугарско државјанство, за тоа нема никаков проблем, но не треба да го злоупотребува тоа против Бугарија кога самиот се декларирал како Бугарин.

Сум го истакнувал и порано дека треба да има транспарентност, посебно за тие што злоупотребуваат, бидејќи тие декларирале дека имаат бугарско потекло и бугарски идентитет.

Ако направиле тешки прекршоци се разбира и дека треба да има одземање на бугарското државјанство.

На прашањето дали и кога Бугарија ќе ги одзема државјанствата, повикувајќи се на членот 22 од Законот за бугарско државјанство, Ковачев одговара:

-Неколку пати сум истакнувал дека треба да има контрола и транспарентност. За значајни за општеството прекршоци против Бугарија на такви луѓе, ако тие продолжуваат константно да зборуваат против бугарскиот идентитет на Гоце Делчев на пример, и негираат работи кои што се општо познати во историјата, манипулираат со нив, шират омр -аза кон Бугарија, тие луѓе не само што треба јавно да бидат објавени како бугарски државјани туку и нивното државјанство да биде одземено.

Јас не сум дел од бугарскиот парламент, не знам кога и како ќе се случи тоа, но со сигурност ќе се случи, вели Андреј Ковачев.

Претходна статијаЕлена Стефановска се пофали со своите топ нешта, а еден фан ѝ даде интересен прекар
Следна статијаЕј ало, освестете се сите по ред – статус кој точно ја отсликува нашата реалност