Шума, вода, асфалтирани патишта. Во виничкото село Блатец има се, само луѓе – се помалку. Половина село веќе заминало на печалба. Другата половина мисли како да си ги спакува куферите.
Слична приказна ни раскажаа и останатите неколкумина, што ги сретнавме во „Чаршијата“. Велат само тие се редовни тука.
Спуштените капаци и затворените порти на големите и убави куќи потврдуваат дека животот полека се празни од селото. Секоја година во италијанскиот град Канели во Италија има повеќе првачиња отколку во Блатец. Во училиштето што некогаш броело 400 ученици сега има седумдесетина, а лани од Блатец имало само седум првачиња.
Според податоците за 2019 на италијанскиот Институт за статистика во оваа држава легално престојуваат близу 64 илјади Македонци, од нив околу илјада се од Блатец.
Истражувањето на невладините покажало дека последниве две децении, 20 % од жителите во Виница трајно се иселиле во странство. Слична е состојбата и во другите градови од истокот.
Бројот на жители се преполовува поради ниските плати и партизираноста на инститциите, покажало истражувањето. Тоа компаниите ги остава без работници. Виница има најниска стапка на невработеност во државата, а поради недостиг, редовно увезува работници.
Голем дел од иселениците во родниот крај доаѓаат само на годишен одмор. Помладите и него го прескокнуваат. Само една четвртина од нив размислуваат за инвестирање дома, но очекуваат подобра соработка со институциите. Според извештајот на Светска банка од државата се иселиле половина милион граѓани.
Од нив две третини се работоспособни, а дури една третина се со високи квалификации. Од таму предупредуваат дека е потребна сериозна стратегија за да се спречи одливот на стручни кадри од државата. Во спротивно во ризик е целатаекономија како и одржливоста на пензискиот и здравствениот фонд.
Целата сторија со видео прилог проследете ја на ТВ 24.