Православната црква ја слави Светата маченичка Агатија на 5. февруари по црквен а на 18. февруари по грегоријански календар…
Оваа славна девица и маченичка за Христа има потекло од сицилијанскиот град Палермо, од благородни и имотни родители. Кога царот Декиј подигна гонење на христијаните, света Агатија беше фатена и изведена пред судијата Квинтијан.
Тој кога ја виде прекрасна на лице, посака да ја има за жена. Но штом ѝ предложи, Агатија му одговори дека таа е невеста Христова и дека не може да го изневери својот вереник.
Судијата ја подложи на тешки маки. Ја биеја, ја исмеваа врзана за едно дрво и ја тепаа до крв.
Потоа Квинтијан повторно ја посоветува да се одрече од Христа и да ги избегне натамошните маки, но на ова невестата Христова му одговори:
„Овие маки се многу корисни за мене. Како што пченицата не може да влезе во амбарот пред да се очисти од плевата така ни мојата душа не може да влезе во Рајот ако најнапред телото не е скрушено со маки“.
Тогаш мачителот нареди и ѝ ги отсекоа градите, па потоа ја фрлија во затвор. Во затворот ѝ се јави апостолот Петар и ѝ го врати целото здравје на телото. Повторно ја изведоа на мачење и повторно ја фрлија во затвор, каде што Му ја предаде својата душа на Бога, во 251 година, во градот Катана, а во времето на царот Декиј.
После смртта на Агатија нејзиниот мачител Квинтијан појде да го приграби нејзиниот имот, но по патот се разбеснеа коњите што ги јаваа тој и војниците, па сиот го изгризаа по лицето, го фрлија на земја и го изгазија со нозете до смрт.
Толку брзо го стигна казната од Бога за дивото злосторство над светата Агатија.
Оваа светица ја почитуваат и католиците и православците, а посебно жените бидејќи се верува дека таа ќе ги заштити од секоја болест и болка.
Светата маченичка Теодула
Пострада за Христа во времето на нечестивиот римски цар Диоклецијан. При мачењето, Теодула вразуми еден од мачителите, Еладиј, и го приведе кон Христовата вера. Кога Еладиј јавно ја исповедаше својата вера во Христа, го убија со меч.
На судот Теодула се држеше многу храбро, а за ова судијата ја нарекуваше безумна. Затоа Теодула му рече: „Безумни сте вие што го заборавивте единствениот вистинит Бог, а им се поклонувате на мртвите камења“.
Судијата ја подложи на тешки маки, а нив Теодула ги издржа храбро и со оваа храброст во маките многумина ги восхити и ги обрати кон Христа. Меѓу нив беа и двајца угледни граѓани, Макариј и Евагриј. Нив двајцата и мнозина други ги фрлија заедно со Света Теодула во усвитена печка. Така го завршија земниот живот и се удостоија со Христовото царство.