Според неофицијалните податоци од агенциите за посредување при вработување околу 7.000 Македонци живеат и работат во Емиратите, а само 5.000 се во Дубаи кој е најразвиениот и најбогатиот емират. Просечно од Македонија во Дубаи заминуваат од 300 до 500 луѓе годишно. Најмногу работат како келнерки, шанкери, собарки, продавачки. Освен преку агенции се зголемува и бројот на оние кои одат на своја рака, односно сами си наоѓаат работа и си ги договараат условите.
Борба за егзистенција, личен напредок, успех во кариерата, брза заработка, па се до уживање и лудување во младите години. Ова се најчестите причини поради кои се поголем број Македонци заминуваат на работа во странство.
Една од дестинациите кои се број еден за македонските иселеници се земјите од Емиратите, или најмногу во Дубаи и Абу Даби.
Но, и покрај примамливите плати, кои во Македонија ни на сон не можат да ги заработат, и покрај сјајот на луксузот и богатството и можностите кои се нудат тука, не е се како што изгледа или како што велат “Не е злато, се што сјае”.
-Дојдов во Емиратите во потрага по подобра иднина, секако гледано од финансиски аспект. Од гласини дознав дека авиокомпанијата Емирати бара стјуардеси од Балканот. Ми звучеше примамливо и решив да си ја пробам среќата, вели 28-годишна скопјанка која скоро три години е дел од персоналот на оваа светски најпозната авиокомпанија.
Таа отишла на интервјуто за регрутација во Белград и била сигурна дека е квалификувана за работата.
-Не знаев каде е Дубаи, ниту што ме очекува кога ќе одам таму. Понудените услови во огласот ми одговараа, пред се примамлива беше платата која се нудеше, иако не знаев каков е животниот стандард таму, објаснува стјуардесата. Таа објаснува дека условите се одлични, платата е од саат, односно колку ќе работиш, толку ќе заработиш.
-Има основна плата од 1.100 евра плус саатница на летање која се движи од минимум 1.000 евра па нагоре, а ако имаш убав месец може да стигнеш и до плата од повеќе од 3.000 евра. Тука имаме и многу други поволности, а тоа е што не плаќаме кирија за сместување, бидејќи живееме во станови кои се во сопственост на компанијата, а не плаќаме ни сметки, ниту други трошоци за одржување, што значи дека платата цела останува за тебе, вели таа.
Сепак освен условите и платата, Дубаи има многу лоши страни, објаснува стјуардесата, тоа пред се се високите цени, начинот на управување, ригорозните правила на однесување и класната поделба.
-Каква боја на кожа имаш, таква плата ќе добиеш. Колку си побел, толку повеќе вратите се отворени за тебе. Сепак, правилата во арапските земји се многу строги, посебно за странци, а ако не ти се допаѓа нешто или мислиш дека ти е скратено некое право тогаш само ќе ти го дадат пасошот и ќе те вратат таму од каде што си дошол.
Тука никогаш не можеш да добиеш државјанство ако си странец, дури и ако си роден и ако цел живот живееш тука, секогаш ќе си посетител, објаснува таа и потенцира дека најлошо поминуваат оние кои се дојдени од Индија, Бангладеш и Филипини кои тука се третирани како робови.
-За нив Дубаи не е земјата во која ќе се борат за да успеат во животот, туку нивните животи се во рацете на Арапите. Тие живеат во пустината, спијат на отворено и на под во оваа “најбогата земја во светот”. Тие буквално го изградија ова место, ја изградија оваа империја и гламур кое е мамк адури и за најрезервираното човечко око, објаснува стјуардесата.
Како негативна особина на Дубаи се неподносливите температури кои во летниот период достигнуваат и над 50 степени, а како една од позитивните работи го истакнува високиот степен на безбедност.
Извор: Скопјеифно