Партијата во чии раце моментално е власта во државата, СДСМ, како што најави веќе соопшти имиња на повеќе од дваесетина кандидати за градоначалници.
Петре Шилегов за Скопје, Констатин Георгиевски за Охрид, Филип Темелковски за Кисела Вода…
Ова се имињата на актуелни градоначалници кои ќе се борат за втор мандат, пренесува мкд.мк
ВМРО-ДПМНЕ ја започна кампањата „Македонија за сите луѓе“ во рамки на која ќе се одржат трибини посветени на повеќе области. Целта е партијата да промовира политики, мерки и вредности.
Но, и ВМРО-ДПМНЕ започна со објавување на дел од своите кандидати. Кирил Пецаков ќе му биде противкандидат на Георгиевски од СДСМ во Охрид, за прв човек на Прилеп ќе се бори Борче Јовчевски…
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа во Битола изјави дека СДСМ предложува стари имиња и корумпирани градоначалници, а ВМРО-ДПМНЕ има 95% нови имиња кои прв пат ќе ја бараат довербата од граѓаните и ќе работат чесно.
„Процесот на реформа во ВМРО-ДПМНЕ заврши, почнуваме со реформа во Македонија, која тоа го заслужува, а за мене патриотизмот во 21 век се луѓе кои ќе работат чесно, честито“, порача Мицкоски.
ДОМ и ЛДП во пресрет на локалните избори се здружија во граѓанско движење во центарот кое заеднички ќе настапи на локалните избори. Тие сметаат дека ќе бидат алтернатива на македонската политичка сцена.
Нивната порака е „Излези од маглата. Приклучи се. Направи промена“. Неофицијално нивен кандидат за градоначалник на Скопје ќе биде докторот Никола Пановски. И покрај најавите, Демократскиот сојуз не стана дел од ова граѓанско движење, пишува мкд.мк
Засега останува непознато со кои кадри ќе излезе Левица на овие избори. На парламентарните лани, партијата на Апасиев се етаблираше во трета „сила“, чија цел во иднина е да им ги замрси конците на условно по големите.
Различни се размислувањата од кого зема гласови Левица, а впечаток од терен е дека нејзини гласачи се „незадоволници“ и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.
По „помирувањето“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев завчера, кое беше објаснето со обединување за победа над СДСМ, на социјалните мрежи се разви полемика, особено меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ, дали е оправдано ваквото „салто мортале“.
Но, политиката е затоа политика. Сигурно анкетите покажале дека Јанчев е повторно добитна комбинација за Кавадарци и раководството одлучило да го поддржи. Односно, во наредниот период ќе дознаеме дали е тоа навистина така.