Статус на Мирјана Најчевска: Уште нешто за криптовалутите.
Еден мој драг пријател ми напиша дека криптовалутите значат “… слободна трговија, која не може да се контролира од влади. Саморегулиран маркет, а не вештачки дигање на цени од влади и субвенционирани производи кои корумпирани политичари ги користат.“
Според мене, било која слободна трговија која не е контролирана од влади претставува само внесување на дарвиновата борба за опстанок од природата во општеството.
Единствен заштитник на малиот човек (верувале или не) во моментов е државата со нејзината структура која единствено може да се спротивстави на самоволието на моќниците.
Да, треба да се бориме против корумпираните политичари, и да, треба да наоѓаме начини да ги направиме институциите ефикасни и контролирани и насочени кон задоволување на потребите и интересите на граѓаните.
Меѓутоа нивното негирање, не значи повеќе слобода на секој граѓанин, туку конечна поделба на населениот на ловци и ловени, на насилници и жртви. Се поголема шанса да пропаднат сите нејаки, добри, немоќни, ранливи, стари, сиромашни, необразовани, со попреченост, емпатични, сонувачи…
Ова само може да значи поголема можност и поширок простор за измислување на потреби, наместо задоволување на оние есенцијалните. Повеќе простор за екстравагантност и за длабока немаштија. Повеќе несигурност и поголема неизвесност за иднината.
Моќниците многу лесно ќе се прилагодат на новата алатка и ќе ја искористат до нејзиниот максимум, и ќе обезбедат таа да работи за нив, а граѓаните ќе добијат илузија на еднаквост на шансите, илузија на избор и илузија на соодветно вреднување.
Работата е да се создаде систем за контрола, систем кој ќе обезбеди вистинска еднаквост на шансите на граѓаните базирана на нивните индивидуални можности, еднаква стартна позиција која овозможува потполна индивидуализација без да биде загрозена егзистенцијата на било кој човек.
Саморегулираниот маркет не води грижа за нејаките и немоќните и помалку способните и помалку агресивните. Тој едноставно ги гази, ги ништи и ги исфрла од тековите на општественото живеење.
Проблемот на криптовалутите е токму во тоа што тие неверојатно лесно можат да создадат илузија која ќе ги доведе најголем број од луѓето во неверојатно лоша позиција, а вината за тоа ќе им биде припишана на нив самите. Шансата им е дадена, а тие не знаеле да ја искористат.
Нивни проблем. Американскиот сон бил тука на дофат, ама тие немале доволно долги раце да го дофатат, нивни проблем. Можеше да добиеш 100000, ама ти доби само 100 денари. Твој проблем.“