По поплаките на нашинците, МНР со добра вест за Дијаспората: Сега можете да пријавите доколку не сте задоволни од услугата

0

Нашинците во дијаспората се соочуваат со низа проблеми, но се чини најголемиот во изминатите петнаесеттина месеци, од почетокот на кризата со пандемискиот вирус, е вадењето нова патна исправа.

Битолчанецот Александар Јоначиќ, уште во септември минатата година, побара од надлежните институции да му помогнат на граѓаните како него, чија важност на пасошот истекла, а се наоѓаат во странство.

Тој не може да добие работна виза, бидејќи важноста на пасошот му истекла во јуни, а во меѓувреме Нов Зеланд заради пандемијата ги затвори границите за влез и излез, по што му пропаднал планот да се врати во Македонија и да извади нова патна исправа.

-Ми пишаа луѓе како може да се вратам во Македонија, но ако се вратам во Македонија, потоа не можам да се вратам тука, наједноставно е продолжување на важноста на пасошот како што го направија некои други држави, изјави тогаш Александар.

-Јас имам аплицирано за нов пасош, во конзулатот во Австралија, ги добив сите документи, добив и потврда дека сум аплицирал, не можат да ми дадат пасош, не можат да дојдат во Ноз Зеланд, границите се затворени, во самата потврда ми објаснија дека можат да дојдат дури наредната година јуни 2021 што е доцна.

Не само за мене, за сите останати луѓе, контактирам со уште 5 семејства кои го имаат истиот проблем, рече тогаш Александар Јоначиќ.

Од имиграционото во Нов Зеланд му посочиле дека засега тој е начинот за да ја добие работната виза која ја бара.

-Тие велат дека сите документи се супер, понуда за работа, плата која треба да ја добијам, единствениот проблем е важноста на пасошот, рекоа дека ќе бараат начин да го решат тој проблем, како ќе го решат, ќе видиме, вели тој. Во меѓувреме се обратил и до надлежните институции.

-Од МНР ме упатија дека треба да поднесам барање за нов пасош во конузлатот во Австралија, јас тоа веќе го имав направено. Од конзулатот ме упатуваат во МНР.

Јас не ги обвинувам ниту едните ниту другите, никој не очекуваше дека вака ќе биде, најбезболниот начин да се продолжи пасошот кои се негде и некаде заглавени, вели тој. Ако во Австралија е поминат пасошот ако аплицираш ќе ти даадат, нивниот принцип е поразличен, рече во септември минатата година Александар.

Се чини дека проблемот сè уште не е решен. Хелена Роза пред два месеци објави статус во кој ги прозва премиерот Заев, министерот во МВР Спасовски и министерот за надворешни Бујар Османи, да го решат овој проблем:

Драги мои ФБ знани и незнани другари. Ќе ве замолам да одвоите 1 минута од вашето време и да се потпишете. ПЕТИЦИЈА.

Апел до Мак. Влада – решение за издавање на документи за Македонците од дијаспората. Зоран Заев, Оливер Спасовски Бујар Османи.

Ги замолувам исто така Македонските новинари и медиуми да информираат за овој сериозен проблем , на кој наидуваат Македонските граѓани кои што живеат надвор од Македонија на привремен и постојан престој.

Оваа иницијатива е покрената од страна на повеќе или помалку засегнати – без пасоши- граѓани на Македонија кои во моментов живеат, работат или учат во Нов Зеланд.

Проблемот за жал не е само за овие Македонци, туку е присутен низ целиот свет, и вадењето на патна исправа или било каков и да е документ, преставува вистинска голгота и макотрпна процедура, која во нормални услови трае со месеци, а понекогаш и години.

Со ковид пандемијата за жал проблемот е уште поголем , т.е без решение како овие граѓани и дали воопшто ќе имаат валидна патна исправа. Ве молам за потпис и доколку не ви е проблем споделете. Благодарам.

Таа потоа отвори и петиција на Change.org и замоли за поддршка со цел решавање на овој проблем:

„Повеќе од 1000 граѓани – државјани на Република Македонија, поради ситуацијата со ковид – пандемијата, не се во можност да извадат нови пасоши. Оставени на милост од страна на Македонската Влада, која до ден денес не покажува ни малку интерес за решавање на овој сериозен проблем.

После неколку без успешни обиди да се најде решение за овој проблем, и никаков одговор од страна на Македонските институции, решивме да ја покренеме оваа петиција со надеж дека ќе допре до Македонските власти.

Петицијата има за цел да се најде и обезбеди брзо решение, со кое би се решил овој проблем во најбрз можен рок.

Министерството за надворешни работи, пред неколку денови, на својот официјален вебсајт, информира дека е спремно да им помогне на македонските иселеници, да ги остварат своите права, а доколку во тоа се оневозможени, можат да пријават:

„Почитувани граѓани, Министерството за надворешни работи во континуитет работи на подобрување на услугите и зголемување на капацитетите на дипломатско-конзуларните претставништва на државата во странство.

Вашите коментари, забелешки или пофалби, можат значително да придонесат во ефикасноста на овој процес.

За секое ваше барање и прашање за кое сметате дека не сте добиле навремен одговор од страна на дипломатско-конзуларно претставништво, или, пак, на дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи Global SOS;

Или сметате дека кон вашето барање е постапено некоректно, ве охрабруваме да го контактирате директно Министерството за надворешни работи во Скопје на линкот подолу.

Прашалникот се состои од неколку прашања и истите ќе бидат процесуирани во најбрз можен рок.

Оваа услуга ќе обезбеди во реално време да се пренесат очекувањата на припадниците на дијаспората и нашите граѓани кои се нашле во странство и следствено на тоа, овозможи да се изнајде најдобриот начин за да се одговори на вашите потреби.

Со цел да се овозможи навремена реакција на Министерството и надлежното дипломатско-конзуларно претставништво, молиме да се додаде електронска адреса и/или мобилен број за директен контакт.

Како илустрација, посочуваме неколку примери кога го очекуваме вашиот придонес кон овој процес:

Ако не сте успеале да остварите контакт. Ако сметате дека сте чекале предолго во добивањето на одговор; Ако воопшто не сте добиле одговор на упатено прашање или сте добиле погрешен одговор;

Иако ви било ветено, не сте добиле одговор/вашата апликација за конзуларна и друга услуга не е решена; сметате дека неправично е постапено кон вас од страна на службеник во дипломатско-конзуларното претставништво; Ако сте задоволни од услугата и сакате да ја посочите како пример за професионалност.

Ова е линк до прашалникот, а поставен е и телефонски број за контакт: тел.број: +389 75 268 734 (WhatsАpp, Viber)

Претходна статијаЛуѓето во коментари знаат да бидат непријатни – Анастасија Ражњатовиќ го осети тоа (ФОТО)
Следна статијаИрена Спировска ги покажа братот Борче и сестрата – ептен личат со сестра и (ФОТО)