Нешто што ги интересира и Македонците во Германија: Ќе имаат ли имунизираните поголеми права

0

Министерот за здравство на Германија, Јенс Шпан е за враќање на слободите на лицата кои веќе примиле вакцина против Ковид-19. За нив би требало да се укинат обврските за тестирање и карантин.

Став кој предизвика различни реакции во земјата и покрена теми како праведност, солидарност и ограничување на основните човекови права.

Уште пред една година, пролетта 2020-та, се водеше интензивна дебата за тоа дали државата би требало да им издава потврда на граѓаните кои со тестови или вакцинирање може да докажат имунитет, со што тие би можеле без ограничувања да учествуваат во јавниот живот.

Фото: Јутјуб принтскрин

Министерот за здравство Јенс Шпан побара мислење од Германскиот совет за етика. Ова тело во септември се изјасни против ваков доказ „во сегашниот момент“.

Образложението беше дека до тој момент нема цврсти докази за степенот и траењето на имунитетот, пренесува Дојче Веле на македонски јазик.

Шпан за весникот „Билд ам Зонтаг“ укажа на нова студија на институтот „Роберт Кох“ (РКИ). Во извештајот на РКИ испратен од Министерството за здравство се вели:

„Според актуелните сознанија, ризикот од пренесување на вирусот од страна на лица кои се целосно вакцинирани, најдоцна од 15. ден по примањето на втората доза, е помал отколку при негативен антигенски брз тест на инфицирани лица кои немаат симптоми.“ Овој извештај во саботата им беше испратен на сојузните покраини.

Со тоа се поставува прашањето – дали граѓаните, со оглед на малата понуда на вакцини, смеат да се третираат различно.

Критичарите предупредуваат на опасноста од расцеп во општеството и создавање две класи. За ваков нееднаков третман би можело да се размислува само откако сите граѓаните ќе имаат шанса да се вакцинираат, велат критичарите. И министерот за здравство на почетокот повеќепати повторуваше:

„Многумина чекаат солидарно за некои да може да се вакцинираат побрзо. А, оние кои не се вакцинирани од вакцинираните очекуваат исто така солидарност и трпение.“ Меѓутоа, сега Шпан вели: „Оној кој е целосно вакциниран, во иднина може да биде третиран како некој кој има негативен тест.“

Поранешниот претседател на Уставниот суд во Германија, Ханс-Јирген Папиер, изјави дека органичувањето на граѓанските права не е дозволено. „Кога ќе се утврди дека од страна на вакцинираното лице не произлегува опасност од зараза, веќе не постои уставна легитимација за ограничување на неговите основни права“, вели тој.

Слична е и аргументацијата на министерката за правда Кристине Ламбрехт: основните права не се привилегии, вели таа. „Основните права ми припаѓаат согласно Уставот и ако државата посегне по тие основни права, тогаш за тоа се потребни добри причини.“

Таква причина би била заштитата на животот, но ако таа причина отпадне, затоа што од вакцинираното лице веќе не произлегува опасност, тогаш државата веќе нема право да посега по тие основни права.

Германскиот Совет за етика во февруари аргументираше поинаку. Во препораката на Советот се вели дека и на вакцинираните лица кои веќе не се заразни, би можело да им се наметнат едноставни превентивни мерки, како држење растојание или носење маски.

Телото укажува на тоа дека дел од населението би можело да го смета нееднаквиот третман како неправда. Правилата би требало во даден момент да бидат укинати за сите лица.

Приватни фирми, како продавници, дискотеки или ресторани, имаат и свој куќен ред и веќе имаат исклучувано одредени лица и пред пандемијата на корона. За приватните фирми во Германија важи „договорна слобода“.

Сопственикот на дискотека не мора да прими гостин ако неговиот стил на облекување не е соодветен. Советот за етика нагласува дека вакви организатори на забави и манифестации и сега „се слободни во одлуката со кого ќе склучат договор“.

Тоа ја опфаќа „принципиелно и можноста да се прави разлика врз основа на статусот со вакцинацијата“. Ваквите парава, меѓутоа, не важат доколку државата наредила општо затворање, оценува Советот.

Што се однесува до лицата сместени во старечки домови, палијативни установи или установи за хендикепирани лица, Советот за етика смета дека во тој дел се неопходни посебни правила.

Забраните за излегување или за посети и контакти би требало да се укинат за лицата кои живеат во овие установи, а се веќе вакцинирани. Тоа етички е оправдано, поради оптоварувањето кое овие лица го имаа во текот на пандемијата, се вели од Советот.

Целиот текст прочитајте го на Дојче Веле

Претходна статијаНеда Украден и Стоја без шминка, кој би рекол дека се 22 години разлика
Следна статијаНикола Наумоски проговори за „Стаљин од Велес“, за актерка која не игра во театар, а „лапа“ пари и за многу други