Ми текнува како моите се исмеваа со чичко ми кога ќе дојдеше од Австралија и ќе речеше: Еве ти внучко 5 долари за чиколато, 3 пати сум се препотил за нив

Целиот живот живеев во Скопје, но потекнувам и сум роден во Битола. Од таму е татко ми и целата негова родбина.

Детството го поминав во Битола, секој летен и зимски распуст кај баба и дедо. Во дружба со братучедите кои беа десетици, бидејќи баба ми имаше 6 браќа и сестри, а дедо ми 3, па можете да замислите и да помножите колку внуци, а мои братучеди имаа тие.

Не можам да ги заборавам вечерните излегувања на битолското корзо, иако бев мал. Не можам да го заборавам рингишпилот во делот кој води накај „Тумбе кафе“, кој во тоа време беше главна занимација за нас помладите. Зборувам за периодот кога имав 12-13 години.

Не можам да ја заборавам слаткарницата „Пелистер“, исто на корзо, во близина на хотел „Епинал“, а до киното, „Трудбеник“ мислам се викаше, ама не сум сигурен. Таму се запознав со мојот омилен десерт до денешен ден, „Банана сплит“.

Не се заборава исто така битолскиот студ, ладните земи кога температурата се спушташе и до минус 25. Премрзнати се враќавме од диско или кафетирија. Секако, не можам да ја заборавам ниту првата симпатија и првиот бакнеж.

Убави, преубави спомени ме врзуваат со Битола. Дури и денес, иако многу ретко, еднаш во неколку години, кога одам во Битола чувството ми е преубаво, возбуда уште попат и носталгија при посетата на местата кои ми значеле во младоста.

Сега живеам во Америка и многу често се потсетувам на еден момент, кој предизвикуваше сма и подбивање кај моите родители, баба ми и дедо ми. За што станува збор.

Прв братучед на татко ми, со семејството живееше и работеше во Австралија. Односно еден од многуте први и втори братучеди кои живееја во странство. Битола е познат печалбарски регион.

Е тој, чичко Благојче, кога ќе дојдеше на одмор во Битола летно време, доаѓаше на гости кај нас да се видиме. Тогаш, ќе извадеше од новчаникот по 5 или 10 долари австралиски, ама најчесто беа 5 и ќе ни дадеше мене и на брат ми.

Притоа, задолжително ќе ни речеше: „Да знаеш внучко, за овие 5 долари, три пати ја имам испотено кошулата. Еве, купи си чиколатче.“

Потоа, кога тој ќе си заминеше, моите дома се смееја и се подбиваа, па дури и го прекоруваа, како не му било срам да вади пет долари, демек малку биле. И навистина, не беа некои пари, но во тоа време, пред 40 години парите имаа поголема вредност.

Сега, јас сум во ситуација во која беше чичко Благојче и ми текнува на сите тие моменти. Гледам колку е тешко да се заработат пари и истовремено размислувам за моите ставови пред да заминам од Македонија. Ние во татковината навистина немаме реална претстава како изгледа да се заработат пари во едно општество во кое владее, ред и дисциплина.

Сега помислувам на фактот, дека чичко Благојче имаше сигурно едно 30 внуци од први братучеди. Па по колку требало да дава, по 50-100 долари? Сега на сите тие подбивања гледам со други очи, сега, кога сум во ситуацијата на чичко Благојче.

Пред некоја година на македонските портали прочитав еден напис од наш иселеник, кој напиша: „Роднините ме гледаат како банкомат. Доаѓам во Македонија и сите бараат пари на заем, само за пари ми зборуваат“.

Не бил човекот далеку од вистината. Но донекаде криви сме и ние самите кои живееме во странство. Си сакаме малку да се пофалиме со частење по кафани, со некоја скапа кола и.т.н.

Но јас ќе ја кажам вистината. Македонците во дијаспората живеат со бројани пари. Чест на ретки исклучоци кои се снашле подобро и имаат сопствен бизнис. Но на оние кои живеат од плата, кои работат во фабрика и згора на тоа одлучиле куќа да купат и плаќаат кредити, не им е нималку лесно.

Далеку од тоа дека се жалам (знам ќе пишуваат коментари шо не се вратиш ако не ти чини), само сакам да кажам дека не е како што мислат. Иако во секој случај имаме подобар живот од страна на материјалното. За квалитетот на социјалниот живот, кој овде во странство е нула, не сакам многу да зборувам, веќе е многу кажано.

Обработи: П.П.   Фото: Pexels и јутјуб принтскрин

Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама