Иселениците ќе се попишуваат први преку апликација – од утре стартува пописот

0

Од понеделник 1ви март, на еден месец пред официјалниот старт на пописот, ќе се самопопишува дијаспората, припадниците на армијата во странство, оние кои се наоѓаат во КПД и бездомните лица.

Граѓаните кои се надвор од земјава, од понеделник ќе можат сами да се попишуваат онлајн. Апликацијата, која е достапна на осум јазици можат да ја најдат на веб страницата на Државниот завод за статистика, а линк до неа ќе постави и Министерството за надворешни работи.

Помош за пополнувањето ќе можат да добијат и од дипломатско-кознуларните претставништва кои веќе добиле инструкции и отвориле телефонски линии што ќе им бидат достапни 24 часа.

Симовски гарантира дека се преземени сите мерки против упад во податоците. Апликацијата е лесна и едноставна за пополнување, идентична со таа по која ќе се попишува и во државата.

Самопопишувањето подразбира пополнување на пописната апликација од страна на самото лице кое е единица на попис.

Податоците за домаќинството ги дава полнолетен член во домаќинството кому податоците му се најмногу познати, а за децата до 15 години, еден од родителите, посвоителот или старателот.

Рокот за нивно попишување истекува на 31 март на полноќ. Пристапот од Македонија е оневозможен.

Министерот Османи вели дека резултатите од попишувањето на иселениците не се важни само за државата, туку и за самите нив.

Од понеделник почнува попишувањето и на припадниците на Армијата дома и во странство, на лицата кои се во дипломатско конзуларните претставништва, во Обединетите нации, во претставништвата на Стопанските комори во странство, како и затворениците и лицата во воспитно – поправните домови во земјава.

На апликацијата ќе биде достапна на веб страницата на ДЗС ќе може да се пристапи само од странство. Граѓаните ќе може да се најават само со е-маил адреса, а безбедноста на податоците тврди првиот човек на статистика Апостол Симовски е загарантирана.

За информирање на дијаспората ќе се вклучи и МНР. Министерот Османи веќе разговарал со сите амбасадори за да се информираат нашите иселеници. Според него пописот е клучен за планирање на политиките поврзани со дијаспората.

Македонските државјани кои повеќе од 12 месеци се во странство ќе влезат во нерезидентното население кое со резидентното население ќе го дадат збирот на вкупното попишано население. Теренски пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април.

Во меѓувреме опозициската ВМРО ДПМНЕ продолжува со собирањето на потписи против Законот за попис на десетици пунктови ширум земјава. Барањето на партијата е пописот да се одложи до април догодина или да се спроведе целосно електронски.

Владејачката СДСМ останува на став дека со почитување на здравствените протоколи пописот кој според партијата ги содржи препораките на Еуростат, непречено ќе се одвива.

Притиснете ТУКА за пристап до апликацијата за попис на иселениците. Апликацијата ќе биде активна од понеделник, 1 март 2021 година.

Претходна статијаЌерката на Балашевиќ Лола, објави постара снимка и емотивно го „здрма“ Балканот
Следна статијаРебека разочарано изјави: Трошки надеж собираме по пат како врапчиња среде зима