Пред извесно време, до нашата редакција, во нашиот инбокс стигна ова обраќање кон нашинците во дијаспората, а подолу ќе можете да прочитате и одговор од Македонец кој се најде засегнат.
-Ги читам ова нашинциве од Австралија, Америка, Германија, Швицарска и не можам да им се изначудам на паметот. Остај тоа, ми предизвикаа револт. Ќе бидам можеби жесток, однапред им се извинувам доколку некој се навреди, но ќе им го кажам.
Мојот чичко, на татко ми прв братучед се вика Благоја, но сега на нет името му е Бил. Неговиот другар Христијан, сега е Крис, а Стефан – Стив и.т.н. Колку сте смешни бре нашинци. Па вие сопствените имиња ги имате сменето, а се пењавите по нет, таму од преку барата, за името на Република Македонија.
Шо не си дојдете бе нашинчиња тука, шо не си ги вратите имињата, така како што сте се викале во Драчево, Бистрица, Логоварди, Дрслајца, Горно или Долно Дупени. Во кој филм сте влезени, што глумите. Па вие сте жива трагедија.
Се понижувате таму, црнчите за некоја ситна дневница колку да преживеете. Вратете си се тука, продолжете да си ги работите нивите како порано и тогаш ќе имате потполно право да го дигнете гласот против промена на име, но и за сите останати случувања во нашата татковина.
Па свесни ли сте вие нашинци во дијаспората, дека речиси без исклучок живеете во НАТО. Свесни ли сте дека живеете во главниот член на НАТО, САД, или Германија, или Франција. А се дерете на фејс против НАТО.
Дај прочитајте се малку што пишувате и бидете самокритични и доблесни. Ако сте толку против НАТО, зошто таму кај што сте не го дигнете гласот против Алијансата, туку ќутите како глувчиња.
Не само за тоа, си ќутите како бајчиња за сè. Не смеете да писнете. Имате уплав од “Тикет” (казна за сообраќаен прекршок). Ѓубре по улици знаете да фрлате само тука, таму ви е страв дури и да плукнете на улица.
Единствено место каде што малку од малку се опуштате се местата за молитва, црквите, каде или играте пагански ора, или се расправате за политика во затворен, гетоизиран круг. Заб ќе ве фати, трпите болка да не дадете таму 100 долари или евра, бидејќи тука ќе се исценкате за 500 денари.
Тука си доаѓате на лето и тоа не секое (кошта патот), да потрошите некои 500-600 долари, притоа мислејќи дека сте големи фраери, со тие ваши демоде бродарици, шарени бермуди и тоа акцентот селско-амерички кој намерно го потенцирате. Еве јас ќе ви кажам, за потсмев служите. Бидејќи вие сте ги напуштиле македонските села, но тие не ве напуштиле вас!
А еве го и одговорот:
“Почитувани Галама. Вчера го прочитав, според мене, крајно невкусниот текст кој се однесуваше на Македонците кои живеат ширум светот. Се одлучив во кратки црти да му одговорам на дотичниот господин.
Прво, јас живеам во Америка само околу три години. Овде сум на црно и мака мачам да дојдам до легални документи. По професија сум економист. Знаете, кај нас економисти да ги ринеш со лопата. Не можев никако да дојдам до работа во струката и се одлучив за пат преку барата. Значи од мака, не од што ми било голема желба.
Потекнувам од мало рударско гратче во источниот дел од нашата држава. Моите беа работници, живеевме скромно, но сега со нивните пензии не се врзува крај со крај. Не сум оженет, па лесно се одлучив да заминам.
Сега овде работам како физички работник. Да, економист сум, ама копам канали. И не се срамам, бидејќи заработувам по 150 долари дневно. Од работа нема срам.
За овие години запознав многу Македонци и на тој од вчера ќе му кажам дека сите, ама баш сите си ја сакаат и копнеат по татковината. Тој таму пишува што не се вратат.
Господине, каде да се вратат. Односно има каде, но од што да живеат. Си мрднал ли ти надвор од Скопје за да видиш дека во помалите места нема речиси никаква можност за просперитет на професионален план. Си слушнал ли дека цели села, па и мали градови се иселени. Еве да отворам некој дуќан, или да работам нива (како што ти велиш), на кого да му ја продадам стоката?
Е токму поради тоа, вашиот читател донесува заклучок, дека ние што сме надвор од МК, немаме право да се мешаме во внатрешните работи на матичната држава. Имаме бе пријателе, и тоа како имаме.
Можеби моите деца ќе се вратат и ќе живеат таму, можеби јас ќе се вратам, што знаеме што носи животот. И верувај, не ми е сеедно дали ќе се вратам во мојата Македонија, или во некоја безимена држава.
Велиш дека ние овде сме седеле со скрстени раце и ништо не сме правеле. Па гледаш ли телевизија ти човеку. Знаеш ли само колку про тести се организираа во дијаспората против промената на името. Зар не го виде грандиозниот протест во Австралија кој го пренесоа речиси исте светски медиуми.
Ти велиш нам ни било лесно. Не друже, тебе ти е лесно. Излегуваш секој ден по кафиња, петок и сабота се враќаш во три сабајле дома. Мама наутро ти спрема појадок, си земаш во Скопје некоја пристојна платичка и што би рекол ти, се “пењавиш” на нет. Јас, со завршен економски факултет, копам канали за дневница. Па сега ти види, кому му е лесно.
А да, ќе заборавев. Нашите надвор ги менувале имињата. Нонсенс. Знаеш ли колку е тешко овде да се изговори името Марјан? Или Божидар, или Евдокија. Тоа е од практични причини. Па надимаци се ставаат и кај нас, забораваш ли. Никола го викаат Ники, Александра – Ане, зар тие ги смениле имињта?
На крајот, сакам сите да ве поздравам, да ви посакам Бог да ви дава здравје и да ни ја поживее нашата прекрасна држава, нашата најмила Македонија.”
Обработи: П.П. Фото: Илустрација
Имињата и презимињата познати на редакцијата. Авторски текст, не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама. Редакцијата на Галама не мора да се согласува со содржината на текстовите кои ни ги испраќаат нашите читатели.