Љупчо Николовски, актуелниот генерален секретар на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, водостопанство и шумарство, викендов прави свадба во еден познат скопски хотел. Тој лани во октомври се венча со неговата избраничка Андријана Јакимовска, во интимна атмосфера, но уште тогаш најавуваше голема свадба.
Инаку венчавката беше во манастирот Јоаким Осоговски во Крива Паланка, од каде впрочем и потекнуваат сопружниците. Во тоа време парот и се регистрираше, што значи дека за сега останува само веселбата.
Николовски ја запроси Андријана кон крајот на месец јули во словенечкото гратче Порторож покрај брегот на Јадранско Море, познато туристичко место, чие име во превод значи пристаниште на розите.
Тогаш веста за романтичното запросување и фотографии од свршеничкиот прстен на социјалните мрежи сподели Јакимовска, која под колажот од заеднички фотографии порача дека не треба да се бара љубовта, бидејќи таа на крајот сепак ќе не пронајде, дури и тоа на биде на најнеочекуван начин.
Љупчо Николовски е македонски политичар од редовите на СДСМ и министер за земјоделство во владата од 2017. Николовски дипломирал на правниот факултет „Јустинијан Први“ во 2007, а во периодот 2007–2008 работел како адвокатски приправник.
Во февруари 2014 бил назначен за шеф на кабинет на претседателот на СДСМ Зоран Заев, а од ноември 2015 до мај 2016 бил дополнителен заменик-министер за земјоделство во техничката влада на Емил Димитриев. Во 2017 бил именуван за прв човек на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Николовски говори англиски и италијански јазик.