Власта вечерва маршира со барање за правда во државата. СДСМ под партиското мото „Чекориме за правда“ од 18 часот маршира од Собранието до судовите, откако пратениците вчера го изгласаа Законот за јавно обвинителство. Лидерот на СДСМ Зоран Заев сега очекува неселективна правда.
Тој маршот го најави во име на европската перспектива, напредокот, развојот и членство во НАТО и Европската Унија. Пред почетокот на маршот, дел од булеварите беа блокирани, а пред судовите беше подигната и бина. Сите овие активности се одвиваа среде сообраќајниот шпиц, што доведе до огромни колони низ улиците во Скопје.
Истовремено, пред Кривичниот суд со свои контра протест се појавиа неколку лица кои побараа од власта сметка за ветената правда.
Претседателот на СДСМ и екс премиер Зоран Заев од Маршот за правда порача дека сега правосудството е на потег, откако Собранието донесе лепеза на закони.
„Собранието вчера отвори ново поглавје во правосудството“, рече Заев.
Вели дека зад Законот за ЈО, застанала стручната јавност, но и нашите пријатели од странство. Тврди дека сите предмети од СЈО ќе имаат правна разрешница.
„На обвинетите ќе им се суди врз база на докази. Нема скриена амнестија за никој, ниту за стари, ниту за нови случаи. Нашиот народ е желен за брза правда“, изјави Заев.
Соња Мираковска, која беше дел од Парламентот како пратеник изјави дека правдата не е завршена, но таа е систем. Вели дека за ВМРО-ДПМНЕ било важно да се заштити криминалот и нивната врхушка.