Рмбачам овде во Америка и ќе биде претажно за мене ако не можам да одам на свадбата на ќерка ми во Македонија

0

Во Соединетите Американски Држави сум веќе една деценија. Потекнувам од Скопско Ѓорче Петров, оженет сум и татко на две деца. Пред десетина години успеав да добијам туристичка виза на една година и дојдов тука.

Беспарицата во мојот роден крај ме натера на ова. Имам 55 година, порано работев во Центро, но по распадот на Југославија и затворањето на овој синџир на продавници, останав без работа.

Се обидов со сопствен бизнис, долги години бев сопственик на маалска продавница, но, таканаречените “пишанки”, ме уништија. Имав ненаплатен долг од околу 20 илјади евра, пари кои до ден денешен не можам да си ги наплатам и поради што банкротирав.

Овде во Америка имам работено сè и сешто, од градежен работник до возач на лимузини. Во моментов работам како водоводџија, занает кој од немај каде го научив и добро ми оди.

После изминувањето на таа една година, за која имав виза, јас овде практично останав на црно, како и многумина други. Во оваа држава, ако си чесен и ако не правиш прекршоци, никој не те задева.

Од пред една година, овде дојде и едниот син, кој сега работи со мене. Два пати дојде и сопругата, но таа не се навикна на овој живот, но и работи во приватна фирма во Македонија веќе дваесет години и зема редовна плата, така да таа и ќерката се во Македонија. Јас работам овде, за да ја издржувам фамилијата во Македонија, раздвоени сме, ама тоа е, живот…

Повод за моето обраќање преку вас, Галама е да им објаснам на луѓето како функционира овој систем. Имено, мене Америка ми наликува на една голема кошница со пчели.

Секој си ја работи својата работа и се бори за долар плус. Се работат по две, некои работат и по три работи. Дружењето е сведено на минимум, забава речиси и да нема. Но парите се слатки.

Освен парите, нешто кое мене ме фасцинира е редот кој владее. Овде се сите љубезни, сите кажуваат добар ден, нема турканици, нема расправии, нема мачни дебати околу политика. Исклучок е само кога ќе се собереме во црква на празник или на слава кај некој пријател.

Можностите за работа се огромни, само да имаш желба. Секој може да заработи, од сума за пристојна живеачка, до пари доволни за комотен живот, па и за помош на семејството во Македонија. Да не се разбереме погрешно, од дома поубаво нема никаде, но сепак, доколку некој се одлучи да си ја побара среќата надвор од границите на татковината, Америка е земјата од соништата. Барем за мене.

Единствено нешто кое ме растажува е фактот што поради несредениот престо овде, не смеам да ја напуштам државата и да си ја посетам родната грутка, фамилијата, пријателите, бидејќи во тој случај, нема да можам да се вратам назад.

Но работам и на тоа и се надевам дека наскоро ќе успеам да средам документи и да можам да одам во Македонија, на свадбата на мојата ќерка.

П.П. Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата на Галама. Ова е авторски текст и не смее да се реемитува на други портали, без одобрение на рдакцијата на Галама.

Претходна статија(ФОТО) Татјана Лазаревска им покажа на Австралијанците како се слави роденден
Следна статијаБила одржана тајна погребна церемонија – потресен статус на Ванеса Брајант