Во недела е голем христијански празник – подгответе се

0

Православните верници во недела на 9 декември го празнуваат посен свети Ѓорѓија. Овој ден, освен како семејна слава, се празнува и како именден и како слава на цели села и градови.

Свети Великомаченик Георгиј Победоносец ( во народот познат како Свети Ѓорѓија) живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284 – 305 година), во чие време се вршело прогонство и убивање на христијаните. Свети Георгиј, син на набожни родители и добар Христов војник завршил воена школа и бил на служба кај овој цар.

Во својата 20-та година го добил чинот трибун, воен старешина и царски пратеник. Знаејќи дека заради верата во Христа набргу ќе настрада, по смртта на својата мајка го раздал имотот на сиромашни, а робовите ги ослободил. Тој не можел да ја поднесе неправдата.

Храбро застанал пред царот, кнезовите и сенаторите и изјавил: „Слуга сум на Христос, мојот Бог… До кога ќе ги гоните и мачите тие невини луѓе и ќе ги принудувате на вашето безумно безбожје. Идолите ваши не се богови, не се! Христос е единствениот Бог!“.

Царот наредил Св. Георгиј да биде фрлен во затвор и бил изложен на најтешки мачења.

Во жестоката борба меѓу доброто и злото – победа му подари, издржа надчовечки мачења и стана Победоносец, за да сведочи пред светот дека љубовта, побожноста и верата се посилни од се.

На иконата Св. Ѓорѓија е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја која е под копитата на коњот. Приказот на свети Ѓорѓија како ја убива ламјата е заснован на популарна легенда во христијанската митологија. Според легендата Св. Ѓорѓија ја убил ламјата што на народот му правела голема штета.

Св. Георгиј Победоносец не се плашел од ништо. Но дали ние, слабите и безвредни христијани, на ист начин се справуваме доколку сме соочени со било каков предизвик, макар бил и стопати помал од неговите?

Зарем не сме склони да им се поклонуваме на безвредните и минливи бокчиња од овој свет, наместо на Вечниот Бог? Дали навистина патот што Христос ни го покажа ни е единствена цел во животот? Дали вистински и секогаш се сеќаваме на Христовите зборови: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“?

За светиот маченик и победоносец Георгиј, Христос навистина бил Патот и Животот. Тој не следел ниту еден друг пат, ниту сакал да знае за некаков друг пат. Не се плашел ниту од закани, ниту од заплашувања, и храбро го следел Христовиот пат.

Затоа, ги почитуваме сите маченици, и особено великомаченикот Георгиј победоносец, фалејќи ја неговата верна љубов кон Бога. Да Го возљубиме Господа Исуса Христа и Неговите маченици со сето свое срце, и особено св. Георгиј Победоносец, чијшто спомен денес му го празнуваме. Амин.

Претходна статијаСкопје ќе има со што да се пофали: Најголемото ѕвоно на Балканот ќе одекне од центарот
Следна статијаНајдобар досега: Овој викенд ќе биде совршен за овие хороскопски знаци