Во животот сакав да постигнам нешто свое, да не зависам од татко ми – раскажува Петар, 27-годишен медицински техничр кој заминал да си побара среќата во Шведска.
Во август 2015 година дојдов во Стокхолм, а ме наговори шурата кој тука живее веќе 3,5 години. Тој не повика кај себе додека да се снајдеме. Кај нив останавме месец ипол, а после пронајдовме стан и се преселивме.
Првите впечатоци беа негативни. Бев уплашен, ми се вртеше во глава што, како, каде, странски јазик, нервоза и паника… А и климата беше необична, начинот на живот кај овие луѓе беше сосем поинаков. Згора на се’ ми недостигаше домот, фамилијата, пивото со пријателите во нашето кафанче кое тука го немаше, а и нема време за тоа.
Но најмногу од се’, ми недостигаше мојата куќа. Живеев со татко ми и сестра ми. Татко ми работи во Германија а сестра ми е мажена. Јас всушност живеев сам и за се’ се грижев, па затоа бев толку врзан за куќата, и се’ уште сум.
Многу брзо најдов работа
Работа најдов после два дена. Не е по струка бидејќи не знам шведски. Повеќе работев со нашинци, ама сега го учам јазикот, одам во школо. Договорите уредно се почитуваат и платата е редовна, во ден. Работното време е од 8 до 16 часот. Моментно тука се доселуваат многу луѓе од сите краишта на светот па затоа абнормално брзо многу се гради.
Работа во Стокхолм може лесно да се најде, особено ако зборувате шведски. Ако не ви се допаѓа работата можете секоја недола да ја менувате. Ми се допаѓа нивниот начин на работа. Сите работат полека, на работа нема стрес и брзање, додека кај нас се лета и се’ е итно, а работата мора до вчера да е готова кога ти ја даваат денес.
Ова е голем град и се’ уште расте и се шири
Стокхолм има околу 2 милиони жители, а моментно е најбрзо растечки град во Европа бидејќи многу се гради. Има многу странци и различни култури од сите краишта на светот. Има и многу избеглици, но помалку се примаат. Шведска е доста либерална земја па за сега не сум видел поголеми проблеми какви што ги има во Германија. Мене ми пречи единствено што некогаш се неуредни и не ја почитуваат шведската култура, туку очекуваат се’ да се прилагоди на нив.
Занимливости за Шведска и Швеѓаните
За Швеѓаните може да кажам дека се луѓе кои живеат од плата до плата. Не се како нас, не се штедливи. Многу пијат алкохол и многу време посветуваат на физичка активност, по теретани и спорт. Речиси сите се истетовирани и многу брзо зборуваат.
Овде слободно се трча, тие трчаат и во лето и во зима, и кога врне дожд или снег, ништо не им пречи. Многу се прави скара и се оди на шопинг. Швеѓаните многу ретко готват сами, повеќе излегуваат по ресторани и јадат надвор од дома.
Социјално средена држава
Социјалното прашање овде е едно од најдобрите во Европа. Здравството е бесплатно, годишно плати 1500 круни и ги имаш покриено сите можни лекувања. Школувањето е бесплатно. Исто и разните курсеви се бесплатни. Многу вложуваат во младите и сеопфатен кадар на луѓе.
Шведска е единствена земја во Европа каде и таткото, заедно со мајката може да користи породилно отсуство. Тоа право го има нешто повеќе од 2 месеци. Можам да кажам дека школството, здравството и грижата за своите жители е на високо ниво.
Додека другите земји се мачат да ги обезбедат основните услуги, Шведска го освои овој статус пред сѐ благодарение на прогресивните ставови за родовата рамноправност.
Шведската министерка за родова рамноправност Асa Регнер вели дека земјата не случајно е на првото место и дека овој успех се должи на неколку фактори.
Шведска има највисока стапка на данок на приход за физички лица, а според Регнер тоа е една од причините зошто земјата е најдобро место за живеење за жените.
„Тоа е техничка работа. Од 1971 година наваму вршиме индивидуално даночење. Без разлика дали живеете сами или сте во брак, социјална помош ќе примате на основа на индивидуалните потреби, а не на заедничките потреби на вашето семејство“, рече Регнер за „Business Insider“.
Покрај тоа, Шведска има највеликодушна политика за родителско отсуство на светот. Родителите добиваат 480 дена за себе и партнерот кога ќе родат или посвојат дете, а може да го искористат додека детето не наврши осум години.
Покрај тоа, татковците добиваат 90 дена само за нив.
Регнер објаснува дека Шведска е ослободена од притисокот што е присутен во другите држави каде работодавачите поретко вработуваат жени бидејќи сметаат дека ќе ја остават работата кога ќе добијат деца или имаат проблеми да ја одржат старата плата кога ќе се вратат од родителско отсуство.
Законите во Шведска предвидуваат еднаква плата за еднаков труд. Во 2008 година земјата го донесе Законот против дискриминација со кој се бара од компаниите што имаат 25 и повеќе вработени секоја година да прават анализа на платите за мажите и жените вработени. Според овој закон, компаниите со голема разлика во платите на родова основа плаќаат големи казни ако не преземат мерки за намалување на јазот.
Шведска исто така има една од најголемите застапености на жени во Парламентот на светско ниво: во 2015 година на чело на главните државни установи имало 82 жени и 90 мажи.
Ви се допаѓа Шведска како држава и сакате да станате нејзин државјанин? Процесот може да изгледа застрашувачки, меѓутоа, во продолжение може да дознаете нешто повеќе за добивање шведско државјанство или право за постојан престој во Шведска.
Ако сакате постојан престој, а не сте државјанин на ЕУ
Граѓаните што не се од земја-членка на ЕУ, а живееле во Шведска во период од пет години со дозвола за престој, и можат да докажат дека се способни финансиски да се издржуваат себеси и нивното семејство во тој период, можат да аплицираат за дозвола за постојан престој со пополнување на формуларот „Ansökan om status som varaktigt bosatt“.
Оваа дозвола за постојан престој е валидна онолку време колку што лицето живее во Шведска, но може да се повлече после шест години живеење надвор од земјата.
Ако сакате државјанство и не сте државјанин на ЕУ
Граѓаните што не се државјани на земји-членки на ЕУ, а имаат дозвола за постојан престој и живеат во Шведска во континуиран период од пет години, исто така може да аплицираат за шведско државјанство. Граѓаните што не се од земји-членки на ЕУ, а се во брак или живеат во регистрирано партнерство со шведски државјанин, може да аплицираат после три години, под услов да живеат заедно во Шведска во период од две години. Исто така, личноста ќе мора да биде добро адаптирана во шведското општество, а ќе бидат земени предвид и другите фактори, како што се должината на бракот, познавање на шведскиот јазик и способноста за финансиско издржување.
Ако не сте државјанин, можете да аплицирате да станете државјанин на Шведска по престој со времетраење од најмалку четири години. Истиот временски период важи и за бегалците што добиле дозвола за престој како бегалци во согласност со Глава 4, дел 1 од Законот за странци.
Исклучоци за периодот на барање престој за добивање на државјанство може да се направат за луѓе во брак со шведски државјанин во странство најмалку десет години, кои не живеат во матичната земја, доколку лицето има силни врски со Шведска, преку редовни посети на земјата или силна потреба да стане шведски државјанин.
Сепак, исполнувањето на различните барања наведени погоре не е гаранција дека ќе ви биде доделено државјанство. За почеток, мора да се имате приспособено во Шведска, а Агенцијата за миграции ќе бара информации за тоа дали имате долгови или сте извршиле кривични дела во земјата.
Барањето може да биде одбиено ако лицето има неплатени даноци, парични казни или други давачки. Долговите кон приватните компании пренесени до шведскиот орган за спроведување може да влијаат врз апликацијата, дури и ако се платени, бидејќи мора да поминат две години после плаќањето за да се докаже дека лицето е без долгови. Ако лицето направило кривично дело, исто така постои одреден период пред да може да биде дадено државјанство, во зависност од казната. Повеќе детали може да се пронајдат ТУКА.
Државјанство за деца
Ако имате деца, можете да ги вклучите во вашата апликација за државјанство, под услов да не се во брак, на возраст под 18 години и да престојуваат во Шведска, а вие да имате старателство над нив или родителот со кого имате заедничко старателство мора да даде согласност.
Децата што наполниле 12 години мора да обезбедат и своја писмена согласност за родителите да аплицираат тие да станат државјани на Шведска.
Што е следно?
Ако имате среќа да добиете шведско државјанство, тогаш го имате она што Агенцијата за миграции го нарекува „апсолутно право“ да живеете и да работите во Шведска, да гласате на изборите, да се приклучите на шведската полиција и шведските вооружени сили, и да ги имате сите права на ЕУ, ако претходно не сте биле државјанин на ЕУ.
Како крајна точка, имајте на ум дека некои земји не дозволуваат двојно државјанство, па проверете ги правилата на вашата земја пред да аплицирате.