Одговор на писмото од читателот на вашиот портал кој ја нападна МК дијаспората

0

Вчера објавивме писмо на наш читател кој пишуваше за нашинците во дијаспората. Денес во нашето електронско сандаче пристигна реакција од нашинец од Америка, кој сака да му одговори на нашиот читател кој пишуваше вчера. Текстот ви го пренесуваме во целост:

“Почитувани Галама. Вчера го прочитав, според мене, крајно невкусниот текст кој се однесуваше на Македонците кои живеат ширум светот. Се одлучив во кратки црти да му одговорам на дотичниот господин.

Прво, јас живеам во Америка само околу три години. Овде сум на црно и мака мачам да дојдам до легални документи. По професија сум економист. Знаете, кај нас економисти да ги ринеш со лопата. Не можев никако да дојдам до работа во струката и се одлучив за пат преку барата. Значи од мака, не од што ми било голема желба.

Потекнувам од мало рударско гратче во идточниот дел од нашата држава. Моите беа работници, живеевме скромно, но сега со нивните пензии не се врзува крај со крај. Не сум оженет, па лесно се одлучив да заминам. Сега овде работам како физички работник. Да, економист сум, ама копам канали. И не се срамам, бидејќи заработувам по сто долари дневно. Од работа нема срам.

За овие години запознав многу Македонци и на тој од вчера ќе му кажам дека сите, ама баш сите си ја сакаат и копнеат по татковината. Тој таму пишува што не се вратат. Господине, каде да се вратат. Односно има каде, но од што да живеат. Си мрднал ли ти надвор од Скопје за да видиш дека во помалите места нема речиси никаква можност за просперитет на професионален план. Си слушнал ли дека цели села, па и мали градови се иселени. Еве да отворам некој дуќан, или да работам нива (како што ти велиш), на кого да му ја продадам стоката?

Е токму поради тоа, вашиот читател донесува заклучок, дека ние што сме надвор од МК, немаме право да се мешаме во внатрешните работи на матичната држава. Имаме бе пријателе, и тоа како имаме. Можеби моите деца ќе се вратат и ќе живеат таму, можеби јас ќе се вратам, што знаеме што носи животот. И верувај, не ми е сеедно дали ќе се вратам во мојата Македонија, или во некоја безимена држава.

Велиш дека ние овде сме седеле со скрстени раце и ништо не сме правеле. Па гледаш ли телевизија ти човеку. Знаеш ли само колку протести се организираа во дијаспората против промената на името. Зар не го виде грандиозниот протест во Австралија кој го пренесоа речиси исте светски медиуми.

Ти велиш нам ни било лесно. Не друже, тебе ти е лесно. Излегуваш секој ден по кафиња, петок и сабота се враќаш во три сабајле дома. Мама наутро ти спрема појадок, си земаш во Скопје некоја пристојна платичка и што би рекол ти, се “пењавиш” на нет. Јас, со завршен економски факултет, копам канали за дневница. Па сега ти види, кому му е лесно.

А да, ќе заборавев. Нашите надвор ги менувале имињата. Нонсенс. Знаеш ли колку е тешко овде да се изговори името Марјан? Или Божидар, или Евдокија. Тоа е од практични причини. Па надимаци се ставаат и кај нас, забораваш ли. Никола го викаат Ники, Александра – Ане, зар тие ги смениле имињта?

На крајот, сакам сите да ве поздравам, да ви посакам Бог да ви дава здравје и да ни ја поживее нашата прекрасна држава, нашата најмила Македонија.”

С.П.

Името и презимето познати на редакцијата. Авторки текст, не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама. Редакцијата на Галама не мора да се согласува со содржината на текстовите кои ни ги испраќаат нашите читатели.

Претходна статијаКако сопруга бев вреѓана и оставена, како шваљерка сум сакана и почитувана
Следна статијаМесецов се спремаме за голема македонска слава: Една работа не смеете никако да правите