Мартин Мила: Живеевме од социјално, децата ми се смееја дека од дождот се криев со кеса за ѓубре

0

Рок-пејачот Мартин Србиновски, познат како Мартин Мила, со тага и многу емоции се сети на мајка си, која почина пред 5 години. Тој се врати во детството и во статус на „Фејсбук“ раскажа како пред речиси 25 години мајка му немала пари да му купи мантил за дожд оти живееле од социјална помош.

Откри дека иако сите врсници носеле мантили за дожд за да не наврнат, мајка му еден ден дошла да го земе од училиште со црна кеса за ѓубре преправена во мантил за да го заштити од дождот.

„Трето одделение, далечната 1994. Есен е, почна да врне, а ние немавме ни чадорчиња ни шушкавац (барем така ги викавме во Куманово тогаш тие шарени јакни со качулки).

Кога заврши последниот час, сите ко муви без глави тргнавме надвор каде што имаше многу родители со чадори и такви шушкавци, ги чекаа децата да ги однесат дома зашто истураше. Мене ме чекаше мама, со чадор, но сепак накисната, веројатно од автомобилите што ја прскале дури одела пеш.

Само што се поздравив со другарите, ја видов како се стрча накај мене со насмевка: ‘Леееле, истура! Брзо облечи го ова’. Не видов дека носи чадор за мене. ‘Облечи го ова?’ Ги погледнав другарчињата како им ги облекуваат шарените шушкавци и знаев!

МИ КУПИЛЕ ШУШКАВЕЦ! СЕГА И ЈАС ИМАМ ШУШКАВЕЦ! Иако не беа многу скапи, тие шарени најлонски јакни со две дупки за рацете и со качулка, за мене беа сон, зашто моите немаа, живеевме од социјално. ШУШКАВЕЕЕЦ! YES!

Во тој момент на радост мајка ми ме погледна со тажен поглед и ми рече тивко: ‘Шшшшш, те молам не викај’ и извади од накиснатата торба една темна голема кеса за ѓубре. Ја отвори. Кесата имаше исто така дупки. За главата и за рацете. Ги погледнав сите другарчиња во тој момент. Некои ми се смееја, а некои ме покажуваа.

Ги спуштив рацете и реков: ‘НЕ ГО НОСАМ ТОА!’ Таа ме зграби за раката, ме повлече, и во очите како да имаше солзи. ‘Престани, те молам’. Кога ја видов дека ѝ се тресат усните, ја спуштив главата и ги кренав рацете да ме облече во мојот шушкавец.

Тргнавме кон дома на дождот. По патот бев лут! Кога ја погледнав, знаев дека тоа се солзи, а не дождот. Никогаш не ти реков за тој ден – ТИ БЛАГОДАРАМ, МАМО што дојде и ме скри од дождот! И, ИЗВИНИ, мноооогу извини, не знаев колку те болело и колку било тешко! Сега знам, ама сега е доцна. Ми недостигаш. Премногу“, напиша Мартин.

Пејачот стана познат во јавноста во 2006 година кога беше еден од финалистите на музичкото шоу „М2“. Мартин сними многу песни и два албума.

Претходна статијаСкопјанка раскажува: Настана тотален хаос на родителската, наставничката не можеше да ги смири наметливите родители без осет
Следна статијаИсповед на Македонци за минималната плата: Со 200 евра не може да платиме кирија, а не па да живееме