Сливничкиот манастир е манастирски комплекс кој се наоѓа на 3 километри од истоименото село Сливница во падините на Баба Планина, Македонија. Манастирката црква (Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ – Сливница) е посветена на Богородица.
Манастирот се наоѓа на 3 километри од селото Сливница, на источниот брег од Преспанското Езеро. Пред 100 години околу манастирот се простирала огромна борова шума која изгорела во пожар. Манастирот е подигнат во 1607 година, и според описот е граден во три фази, и тоа од 1607, од 1612 и главно во 1645 година.
Од тој период потекнува и живописот во храмот, како и дрвениот иконостас со престолните икони, царските двери и големиот крст. Стар е 400 години. Во склоп на манастирот има конаци кои ги користат жителите на Преспа. Конаците се изградени при крајот на XVII век и на два пати биле опожарени.
Неговата обнова е започната во 1994 година и до 1998 год. обновени се 20 конаци со 90 легла. Во манастирот има и лековита вода. Манастирската црква е посветена на Света Богородица.
Во дворот на манастирот постои чешма за која се верува дека е света и лековита вода. Чичко Бошко вели дека водата која извира од под манастирската црква лечи од болести и помага за пород.
-Оваа вода досега им помогнала на брачни двојки што биле во брак и по 19 години без деца. Помош бараат дури и Албанци што разбрале за нејзината чудотворност. Така пред шест години дојдоа браќата Авни, кој бил во брак 19 години и Бари. 10 години во брак, двајцата од Прилеп. По толку години во брак, денес тие имаат синови – раскажува чичко Бошко
Доаѓате во селото Сливница и добро е за секој случај да побарате клуч од мештаните, бидејќи кога нема никој, манастирската црква е заклучена.
Се движите по тесен асфалтиран пат околу 10 тина минути со автомобил и доаѓате пред едно прекрасно здание кое од првиот поглед ќе ве привлечи како магнет.
Манастирот има широк двор со зеленило, 20 конаци кои имаат 90 легла, кујна и трпезарија. На средина се наоѓа манастирската црква и камбанарија, а од левата страна на црковниот храм има лековита вода за која се верува дека помага за пород и лечи од болести.
Голем број жени кои немаат пород доаѓаат, се мијат и пијат од водата и ја молат мајката Божја да им помогне да добијат чедо.
Целиот комплекс е граден со камен, па изгледот е уште поавтентичен и прекрасен за око.
Густата шума, погледот кон Преспанското езеро и Божјиот мир и спокој кои владеаат наоколу, ќе ви вгнездат убаво чувство и насмевка на лицето.
Ќе уживате во секој миг и ќе сакате да се задржите што повеќе.
Влегувате во манастирската црква, а внатре ќе забележите прекрасен живопис, а срцето ќе ви доживее некое посебно чувство кое веројатно само меѓу тие четири ѕида постои.
На средина се наоѓа икона од Мајката Божја Богородица, а она што ќе ве трогне се големиот број молитви напишани од жени што сакаат да добијат пород.
Живописот во олтарот и наосот на храмот е изведен од зографска тајфа од која се издвојува работата на двајца мајстори. Тие успеале да пренесат содржина од сложена тематско-иконографска програма, особено карактеристична во наосот, каде се испреплетени сцени од неколку циклуси: Големите Христови Празници, Страдања и Параболи. Посебна ликовна разработка добил Христос-агнец на кого му се поклонуваат архиереите. На јужниот ѕид во олтарот е насликан Св. Кирил Филозоф со што Сливничкиот Манастир добил уште еден од повекето показатели за нагласениот однос на неговите ктитори кон словенската црковна традиција. Најголема специфика на овој живопис е портретот на младиот битолчанец Купен кој добил значајно место во олтарната програма кој е насликан со посебно внимание.
Присуството на првиот мајстор е нагласено кај претставите во олтарот и сводот, фигурите во првата зона на наосот и ликовите во повеќефигуралните композиции од втората зона. Вториот зограф се препознава по поизразениот шематизам вкочанетост на фигурите и посиромашната колорична палета.
Манастирот е граден со помош на сите околни села и од населението од подалечните места. Најголемо учество во изградбата на манастирот според натписот над вратата во манастирот дале следниве лица: Михаило Петков од Битола (9000 гроша), неговиот брат Грујо (1000 гроша), Стојко Милев од Сливница, Стојан и Милко од Ротино, Битола (1000 гроша), Тодор од Љубојно, Јосиф од Харвати (Арвати) и еромонах Стефан од Кономлати (1000 гроша), Сотир и неговиот брат Никола од Бохуно денешно Болно по 500 гроша, еромонах Стефан и Михаил и други.
Манастирот од сите страни бил опколен со згради. Се влегувало низ две големи и две помали порти. Во горните делови на зградата се наоѓале простории за престој на гости. Некои од собите биле сопственост на селата Болно, Љубојно, Герман, Кономлади, Горица, Битола, Прилеп, Костур и др. Во манастирот се наоѓала најголемата библиотека, но грчкиот владика, целиот библиотекарски фонд го изгорел, поради тоа што бил на славјански. Палењето траело цела недела на три огништа. Во манастирот постоело и училиште во кое учеле и работеле деца од околните преспански села каде учители биле свештениците.
Во близина на Сливничкиот манастир се наоѓа и еден од четирите најстари манастири во Европа, светилиштето Св. Ѓорѓи во село Курбиново, потоа новиот манасир Свети Апостол Петар и Павле во село Подмочани и црквата Св. Илија во село Грнчари.
Преспа изобилува со големи богатства и убавини, посетете ја, не се само плажите и топлото сонце во лето привлечни, има многу повеќе од тоа да се истражи.