Мала пицерија со голема приказна… Тоа е пицеријата „Мали Џокица“ во центарот на Скопје. За Иван Усовски дознав сосема случајно додека го правев интервјуто со Диадра Бојд, координаторката на агенциите на ООН и прва претставничка на УНДП во Македонија. На масата стоеше брошура на чија насловна страница имаше неколку фотографии од луѓе на кои УНДП им помогнал да почнат свој бизнис. Меѓу фотографиите беше и таа на Иван.
Позитивниот лик, насмевката или, можеби, самата разиграност на фотографијата… не знам ни сама зошто неговата фотографија ми привлече најголемо внимание. Ја прашав Бојд, која тој ден си замина од Македонија, кое е тоа момче. Се насмеа и рече дека тој е еден од личностите во Македонија што долго ќе ги памети. Таа ми кажа дека Иван пораснал во Домот за деца без родители и дека му помогнале да отвори своја пицерија.
Неколку недели подоцна стапив во контакт со триесет и петгодишниот Иван. Се најдовме во неговото царство, во пицеријата сместена во близина на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“. Но, пицеријата не е причината поради која сакавме да го запознаеме Иван.
Неговата животна приказна, неговата успешна животна приказна заслужува простор и внимание. Тој не сака многу да зборува за биолошките родители и за тоа што се случувало со нив. Вели дека кога ќе собере доволно храброст да прозбори за тоа, може да направиме уште еден разговор. Писателот Мишко Попов му рекол дека во неговиот живот има материјал за добра книга.
Од она малку што успеав да го дознав од него, родителите на неговата мајка се откажале од неа кога останала бремена со Иван. Го родила како самохрана мајка. Ја прашале во болница како ќе се вика детето.
Некој викнал Иван и така го добил името, а на тоа тој гледа како на божји глас. Иако семејното презиме му е Усовиќ, колективот во болницата одлучил да биде Усовски. Денес тој е единствениот Македонец со такво презиме.
– До седумгодишна возраст живеев во дом-семејство. Таму ги научив хигиенските навики. Ме чуваше една многу фина жена, Слободанка. Потоа бев во Домот „11 Октомври“, каде што и воспитувачката Ники ме научи многу работи. На 17-годишна возраст почнав да го учам занаетот.
А, од Домот излегов кога имав осумнаесет години и шест месеци. Занает во дом не ти даваат. Мојата приказна со пицата почна во „Дал-Мет-Фу“ , благодарение на поранешниот министер Александар Димитров. Тој ми е како татко. Тогаш беше директор на „Палер Македонија“.
Го запознав како дете кога од Домот ме праќаа да собирам стара хартија од становите и од куќите. Бевме поделени на групи. Бев со уште две дечиња. Одевме по згради и баравме хартија. Имавме некоја добра ѕвезда. Ни даваа сокче, храна, облека, па дури и по некоја паричка.
Благодарение на нив растењето во Домот ми беше полесно. Александар Димитров беше еден од оние луѓе што ги запознав така и тој ми стана како татко. Ме фати за уво и ми рече дека морам да учам занает. Не знаев ни што е занает. Ме однесе кај Фуфо и му рече:
„Сакам ова дете да биде добар мајстор“. Имаше тројца мајстори, сите различно ме учеа. Јас, веројатно, сум бил надарен за тесто и за пица и успеав да го извлечам најдоброто од сите нив, и на тоа да додадам нешто свое. Јас сум леворак и се приспособувам на тоа – раскажува Иван.