Ивана од Тетово: Во Шведска заминав поради љубов, ќе се обидам накратко да ви раскажам како ми е овде

0

Имам 27 години и одлучив да се преселам во Шведска и морам да кажам – добро се снајдов. Заминав поради љубов. Бев вљубена па затоа се одлучив на ваков потег. Мојот вереник не сакаше повеќе да живее тука бидејќи сметаше дека нема перспектива. Беше невработен а јас волонтирав. Бевме без пари. Во Шведска веднаш се снајдовме, всушност мојот вереник најде работа а од неговата плата можевме комотно да живееме двајцата. По некое време купивме и автомобил. Го немаме луксузот во кој живеат Швеѓаните, но живееме сосем солидно.

Кога барате работа, испаќањето на мејлови не е најдобрата стратегија, туку треба да се јавувате на телефон, а биографијата лично да ја однесете, да поразговарате и брзо ќе најдете работа.

Во Стокхолм многу тешко се наоѓа сместување, а најпопуларно е изнајмувањето на соби. Така најдовме сместување во еден голем стан со една жена и две деца. Мојот вереник се вработи во еден автосалон. Тој е високообразуван, но без познавање на јазикот, не може да работи по струка.

Тука во Шведска луѓето не се спретни како кај нас на Балканот и не знаат ниту обични мајсторски работи кои кај нас момците ги научуваат уште пред полнолетството. Затоа постојат служби, за било какви поправки по станот или за одржување на автомобилите. Затоа, нашинците кои имаат познавања од некој занает, многу лесно може да се снајдат овде.

Швеѓаните се љубезни, но не и срдечни. Тие се културни и во институциите ќе наидете на голема љубезност. Ќе ве поздрават и ќе ви се насмевнат, ќе ви одговорат на сите прашања кои ќе им ги поставите и никогаш нема да покажат нервоза и иритантност. Но ако наидете на нашинци, тогаш тие ќе ви помогнат за се’ што треба дури и ако не ги прашате, ќе ви дадат бесплатни совети и ќе ви понудат разни опции. Инаку, тука важи правилото: ако не го поставиш правилното прашање, нема ни да ја добиеш потребната информација.

Сите информации што ќе ги добиете се кратки како реклами. Дури и сега кога можам да читам на Шведски, не можам добро да се снајдам и да ги пронајдам потребните информации. Многу е тешко да се дојде до информациите. Мора некого да го „повлечете за ракав“ и да го побарате неговото искуство. Во спротивно – изгубени сте.

Побарувањата за работа се специфични и мора секој строго да сепридржува. Точно се знае што се бара од работниците и тука нема простор за импровизација. Па така, ако работата на една чистачка е да ги пребрише рафтовите со влажна крпа, и доколку притоа не се отстрани нечистотијата, тоа е во ред и не треба да се воведуваат свои методи. Доколку пак, бараат на работната површина да нема прашина, тогаш мора се’ да направите за да нема прашина.

На пример, сифонот мора детално да се исчисти, но не е важно ако не успееме од орманот да го отстраниме разлиениот сапун. Навистина имаат специфични задачи и никогаш нема да ве пофалат ако направите нешто што е вон вашиот опис и попис на работни обврски. Ние тука сме научени дека се цени самоиницијативата, иако и тоа во последно време замре и кај нас.

Швеѓаните се ладни луѓе, дури и првите соседи. На улица не можете да сретнете луѓе кои срдечно се поздравуваат или се смеат. Главно луѓето зборат во нивните телефони или зјапаат во нивните екрани. Мислам дека постојано зборат на мобилен. Она што забележав е дека не прават мимики кога зборат, ниту гестикулации. Шведскиот јазик е убав јазик, певлив и имаш чувство како да говорат интерпретативно, но брзо сфаќаш дека тие не користат емоции како што ние тоа го правиме. Швеѓаните се пристојни но не се срдечни.

За викендите навечер вообичаена пракса е опивањето. Ова опивање можеби најмногу има културолошки корени. Кај нас на пример, за пијанки се собира друштвото, со мезе и алкохол, добро расположение и смеа, додека тука тоа се прави без социјални активности, туку се пие – за да се опие. Има доста грди глетки наутро кога некои од нив пијани ќе заспијат во воз, па со часови се возат во метрото.

Сите говорат на англиски, но повеќе љубезност ќе покажат ако барем малку се потрудиш да кажеш нешто на шведски. Сега кога го научив јазикот ја чувствувам разликата. Тие генерално се доста толерантни, но во пракса Швеѓаните се расисти. Се чувствува во воздухот дека постои незадоволство и нетрпение. Затоа имигрантите главно се дружат меѓу себе. Ако некој стапи во брак со Швеѓанец/ка, тогаш влегува во шведско друштво.

Тука е се’ убаво, како од разгледница, но сепак е туѓина. Ми фали домот. Тука нема култура на дружење, на седење, заеднички пијанки и опуштања. Се’ се случува брзо- земи, испиј и оди понатаму! Таму кафиќите, киното, излегувањата и рестораните се многу скапи. Една обична мала пица чини околу 8 евра. А едвај потсеќа на пица. Сепак, тука има доста нашинци, па може да се пронајдат и доста наши производи. Како и да е, добро е кај нас да се школуваш, а во Шведска да работиш.

За рубриката “Дијаспора” на Галама – Ивана Симјановска

Овој текст е авторски и не смее да се копира и реемитува без одобрение на редакцијата на Галама.

Претходна статијаГолема среќа во 2019 ќе ги тресне од земја овие хороскопски знаци
Следна статијаПродолжени викенди уште на стартот на годината – следи вистинско опуштање во 2019