На поранешниот премиер Никола Груевски не му е одобрена жалбата за одложување на затворската казна од две години, на која е осуден за набавката на Мерцедесот од 600.000 евра за потребите на МВР.
Кривичниот совет на Скопксиот Кривичен суд, соопшти дека се одбиени жалбите и на неговите адвокати и неговата, со која тие бараа да му биде одложено одењето во затвор, кое според упатниот акт требаше да се случи вчера на 8 ноември. Од Кривичниот суд во Скопје соопштуваат дека „решението е испратено до странките во постапката и истото е извршно веднаш по приемот од странките“.
„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалби истакнати од одбраната и обвинетиот во предметот со КОК бр. 59/17, од обвинителството означен како „Тенк“, изјавени против решението на судија за извршување санкции, денеска одржа седница на која по ценење на фактите и доказите во жалбите донесе решение со кое ги одби жалбите и го потврди решението на судијата за извршување санкции“, се вели во соопштението.