Ако Преспанскиот договор пропадне, Грција ќе биде под жесток притисок да прифати решавање на проблемот со името преку двојната формула. Познатиот грчки интелектуалец, професор на универзитетот во Атина и на престижниот Принстон, Андонис Лиакос тврди дека со договорот од Нивици грчката држава го достигнала врвот на своите дипломатски можности, но истовремено докрај ја искористила толеранцијата на Меѓународната заедница.
-Ако македонскиот парламент сепак не прифати да ги изгласа уставните промени со кои се менува името на државата, Грција ќе биде таа која ќе мора попушти и да прифати прием на Македонија во ЕУ и НАТО под уставното име.
Доколку Преспанскиот договор биде отфрлен, ќе следи огромен притисок за ПЈР Македонија да биде примена во евроатлантските институции под уставното име, со двојно име за Грција. И онаа Влада која во тој момент ќе биде на чело на Грција ќе се најде во пеколна состојба – смета Лиакос.
Професорот Лиакос објаснува дека секоја земја има право на самоопределување вклучително и правото на избор на име и идентитет по своја желба. А зборувајќи за националните интереси на Грција потенцира дека името на Македонија воопшто не треба да биде приоритет на Атина, туку нејзина цел мора исклучиво да бидат мирот и стабилноста на Балканот како гаранција за грчката безбедност! Грција мора да ја прифати двојната формула – тврди Лиакос.
Според него, без европската перспектива, ќе продолжи да се зголемува нестабилноста на Балканот. -Обединувањето на Албанија и Косово и одвојувањата на како што вели, „тетовските Албанци“, од Македонија, е нешто за што сериозно се разговара во албанските кругови.
Во таа смисла потребно е да се има јасна слика на можните ризици за мирот на Балканот и македонското прашање мора да биде врзано со целокупниот развој на настаните на Балканскиот полуостров – објаснува грчкиот аналитичар.