Пензиите овој месец растат – еве колку пари плус ќе добијат пензионерите

0

Минимална пензија, која се движи од 9.868 до 12.077 денари добиваат нешто над 94 илјади пензионери. Но има и околу 24.000 лица чии месечни пензии се пониски од минималната, односно се под 9.868 денари.




На најголемиот дел од пензионерите, или на над 203 илјади, на сметките им легнуваат пензии меѓу минималната и максималната, односно од 12.077 до 40.067 денари. Тие сочинуваат околу 60 проценти од пензионерите.




Според статистиката што ја води Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во мај во државата имало 323.778 корисници на пензија.

Тој месец во однос на претходниот завршил со 364 пензионери помалку, зашто повеќе починале, отколку што се пријавиле нови. Или, на списокот на пензионери во мај се допишани 1.751 нови, додека пак истиот месец 2.115 починале.




Просечната мајска пензија изнесува 15.636 денари. Најниски се земјоделските пензии, кои во просек едвај надминуваат 8.000 денари. Со просек од близу 23.000 денари највисоки се воените пензии.




Пензионерите со јулската пензија ќе добиваат поголема пензија по основ на усогласување на пензијата со порастот на трошоците за живот, кој во првото полугодие од 2021 година (период: јануари-јуни 2021 година), во однос на второто полугодие од 2020 година (период: јули-декември) изнесува 1,2 отсто.




Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, зголемувањето на пензијата во номинална вредност изнесува 188 денари на ниво на просечна пензија и 125 денари на ниво на најниска пензија.




-Редовното законско усогласување на пензијата се врши два пати во годината од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот, што обезбедува одржување на економската вредност и куповната моќ на пензијата.




Почнувајќи од 2019 година покрај редовното усогласување се предвидува и дополнително усогласување во случај доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 отсто, се наведува во соопштението од Министерството.




Покрај овие два начини на усогласување од 2020 година врз основа на одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија, како што посочуваат од МТСП, може да се изврши уште едно дополнително усогласување.




Тоа би било во случај кога има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 отсто и пораст на просечна плата во претходната година за повеќе од пет проценти.




Претходна статијаСтевчо застана на страната на неговиот наследник Стефан Богоев: Тој не направи ништо, зошто претходно беше направено сè
Следна статијаДури 17 градови немаат ниту еден активен случај, во Скопје 88 – еве колку има во другите градови