Професорката Катерина Колозова, сè почесто на својот профил на социјалните мрежи, ги коментира актуелните политички и општествени случувања во земјата и потсетува на некои нелогичности кои за граѓаните значат губење нерви, време, пари…
Пред неколку дена, Колозова го коментираше настапот на лидерот на Левица, Димитар Апасиев на една ТВ емисија:
„Апасиев не мора да е платен од никого за да мисли поинаку од големите партии за спорот со Бугарија. Напротив, покажува дека не е ничиј инструмент- токму на оваа клучна точка се гледа тоа.
Полемизирав со него за Преспа, и убедена сум дека со тој договор повеќе добивме од што изгубивме, но не може да негираме дека беше тешка кнедла за голтање. Таа критика на Преспа не ги прави Левица националисти.
Има повеќе Албанци, Турци на раководни функции од која било друга партија а не се фали со тоа ко со нешто посебно. Единствено ми пречи нивниот анти-ЕУ проруски став, ама, пак, такви беа и Сириза пред да дојдат на власт.
Не е ова endorsement, како некој кој работи полиси студии, останувам дистанцирана, а Апасиев многу пати го плукал и институтот и мене, но сакам да кажам дека не е такво страшило ко што ја претставувате Левица, а и не е уверливо ни ова со “конзулот” за да се девалвира неговата дистанца по повод резолуцијата, која јас ја поздравувам.“
Денес Колозова проговори за една нелогичност од која сме засегнати речиси сите:
„Зошто лични карти треба да ги издава софтер, машина? Затоа што секогаш ќе биде поинтелигентна во примена на законот, дури и кога е глуп законот. Законодавецот пропишал лична карта на еден родител како услов за добивање прва лична на полнолетно лице.
Извинете, ама кој идиот го напиша ова, и знае ли дека е практично неуставно? Секој родител има право ако сака да заборави на постоењето на своето дете кога ќе стане полнолетна личност, да стане недостапен за него, а личноста (полнолетен граѓанин) е лишена од нешто што е уставно гарантирано – исполнувањето на основните граѓански права, на пример, на лични документи (да не е sans-papier).
Е сега, глупиот закон се проширил и надградил СО ИНТЕРПРЕТАЦИЈА НА СЛУЖБЕНИК па на 19 годишна личност и’ ги барале двете лични, од двајцата родители. Таа личност абер нема кај е едниот од родителите а и него не му е гајле (полнолетна е). Кој работи во МВР? И како идат скалите на глупост, по командна одговорност?
Сите овие садистични толкувања на законот на малоумен свет, а и бесмислени прописи, не треба да се простуваат на глупост туку да се гледаат ко случаи за пред Стразбур.
ПС Оливер треба да си иде, најдете друг цајкан да бдее над Заев, овој не го бива“, напиша Катерина Колозова на својот профил на социјалните мрежи.