Состојбата со корона вирусот каљј нас, како и во поголемиот дел од Европа и Америка, се стабилизираше до граници на спорадични случаи на нови позитивни.
Тоа е одлична вест, особено пред престојните летни одмори. По минатогодишното апстинирање од море, Македонците едвај чекаат да заминат годишен одмор. Полека се дефинираат и протоколите за влез во земјите од ЕУ.
Министерот за здравство Венко Филипче, вчера најави дека од идната недела во државава ќе се издаваат ковид сертификати со кои ќе може да се патува во европските држави.
–Ние следната недела ќе го издадеме и т.н. грин пас. Тоа ќе е оној електронски кју-ар код што ќе има податоци за вакцината, за ПЦР-тест и евентуално за антитела, па кој било од трите параметри, за да може патникот да ги има со себе ако се патува во која било европска земја, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Како што објавија француските медиуми повикувајќи се на европски извори, претставници на 27-те земји членки на Европската унија денеска се согласиле да дозволат влез во Унијата за патници од трети земји кои ги примиле потребните дози на антивирусните вакцини одобрени во ЕУ.
Во пресрет на летната туристичка сезона, амбасадорите на 27-те земји на ЕУ ја одобрија препораката предложена од Европската комисија, а која не е обврзувачка за земјите членки. ЕУ, меѓутоа, се обидува да ги координира мерките на нејзините надворешни граници.
Заради нивните последици за слободно движење во Унијата, ЕУ ги затвори своите надворешни граници во март 2020 година за сите незадолжителни патувања и од јуни воведе и ограничен список, што редовно се преразгледува, за трети земји чии државјани, вакцинирани или невакцинирани, можат да влезат во ЕУ.
Но нешто друго им создава главоболка на Македонците од дијаспората, кои во моментов се во Македонија, или планираат да дојдат во следните денови.
Наш читател од Соединетите Америкаснки држави, кој деновиве има лет за татковината, постави разумно прашање, на кое засега нема одговор:
-Здраво. Утре имам лет од Њујорк за Белград и Скопје. Бидејќи минатото лето не бев во Македонија, ова лето сакам да поседам малку подолго. Но исто така, со семејството планираме да одиме некаде и на море.
Најверојатно тоа би била Грција или Србија. Дилемата за нас е следна. Ние во Америка примивме вакцини. Но, нас ни дадоа најобични картончиња на кои има податоци каква вакцина сме примиле, кога, контролен број и.т.н.
Во САД сè уште нема дигитална апликација со код, каков што најави нашиот Министер за здравство Венко Филипче. Моето прашање е следно: Дали јас и моето семејство, кои сме имунизирани надвор од границите на нашата држава, би можеле да добиеме таков грин пас во Македонија?
Би бил среќен доколку министерот или некој друг официјален орган ми одговори на ова прашање, бидејќи не сум само јас, сигурно ова истото ги интересира многу Македонци кои овој период ќе дојдат во татковината.