Билјана Ванковска во статус на социјалните мрежи, проговори за актуелната, „таканаречена“ платформа на Јанша, чие официјално постоење е негирано од Словенските власти:
„Владините пропагандисти подметнуваат „кукавичко јајце“ со инсистирање секој јавен интелектуалец да се изјасни за идиотскиот (божемен) план на Јанез Јанша, па дури и тој non-paper го нарекуваат „Словенечка платформа“, правејќи алузија на Тиранската.
Демек, каде сте сега да се изјасните и да ја осудите платформата на Јанша, а ја осудувавте Тиранската.
Ова не само што е кукавичко јајце и мешање на лончињата (веројатно за да заборавиме дека Тиранската платформа е онаа врз која почива владата на Заев – инаку ќе падне), туку е и манипулација со јавноста – или непознавање на функционирањето на ЕУ! Друго не ми текнува…
Да се разбереме, пробни балони за поделба на територии и размена на население во постјугословенскиот простор доаѓале и биле публикувани од еминентни носители на функции во западниот естаблишмент.
Никогаш како план, туку како нешто со што се мери пулсот на јавноста во земјите со замрзнати конфликти (БиХ, Македонија и Косово). Второ, Јанша е доволно познат со своите крајно-десничарски ставови, но тој нема никакво влијание и моќ во рамки на ЕУ.
Тоа што Словенија ќе претседава да си прочитате малку во учебниците за ЕУ за да видите дека претседавачот нема никаква поголема моќ од непретседавачите. Нам намерно ни се турка обратната теза, како онаа „сега за време на германското претседателство мораме ова или она, сега е моментот“ (тоа „германското“ заменете го со бугарското, словенечкото, итн.). Едноставно, ЕУ не функционира така како што мали Ѓокица замишља!
Словенија е земја со мала моќ во рамки на Унијата, и единствено што реално може да го стори во однос на проширувањето (кое не им е ни на крај на памет на тие во Париз и Берлин) е да стави вето некому (нам?) од една или друга причина…
Ако можеше Грција, сега може Бугарија, зошто не би можела Словенија? Логика не барајте! Не е потребна! Ветото е вето, и точка. Не мора да се елаборира.
На Брисел не му треба дополнителна балканизација на Балканот, ниту војни и конфликти (бидејќи без крв нема прекројување граници) во сопственото предворје (периферија).
Не му треба ни на Вашингтон. Евентуално, би биле среќни ако еднаш засекогаш ја „решат“ Србија, односно косовското прашање – но, тука се прашува не само Белград, туку и Мадрид.
Да се вратиме ние на реално постоечките „платформи“ кои ни го кројат животот: едни платформи се оние на Матка кои нема сила (ни законска, ни инспекциска ни полициска) да ги урне;
Другата поголема платформа е во тек на реализација, до кантонизација и евентуална фрактура на Македонија по оската исток-запад (во регионална смисла).
Со други зборови, Јанша може да каже што сака, но тоа нема ефект ни таму, ни ваму. Она што има реални ефекти е внатрешната имплозија на Македонија која е во тек, а која токму овие пропагандистите ниту ја гледаат, ниту ја осудуваат. Молчат како риби и им аплаудираат на Заев и Али и на нивните гавази.