Новинарот Мишко Иванов од ТВ 24, вчера влезе во таканаречената црвена зона на клиниката Жан Митрев во Скопје, каде што се наоѓаат најтешко болните пациенти со ковид 19.
Го пречека директорот на болницата, д-р Жан Митрев, кој на почетокот од разговорот упати честитки до екипата на ТВ 24, бидејќи како што рече Митрев, тие биле прва телевизија која дошла во овој дел од болницата, во оваа пандемиска криза, која трае повеќе од една година.
Митрев на почетокот беше прашан да ја коментира одлуката за намалување на цените.
Во јавноста преовладуваше впечаток дека Клиниката Жан Митрев наплаќале 12 илјади евра по пациент и дека сега намалиле на 6 илјади, но д-р Митрев рече дека тоа не е така.
-Ние наплаќавме паушал на почеток, кој потоа, по завршувањето на хоспитализацијата на пациентот се правеше пресметка колку точни изнесува престојот и третманот, рече д-р Митрев.
Ние сега ја намаливме цената на услугата за десет проценти, но искрено да ви кажам, ми паѓа тешко, кога гледам колку повеќе од нас наплаќаат некои други. Но ете, ние решивме без разлика што ќе прават другите да ги намалиме цените, рече Митрев.
„Значи можело“, заклучи новинарот Мишко Иванов и праша зошто порано не ги намалиле високите цени, на што докторот одговори:
-Мишко, овде работат многу луѓе. Тие луѓе дома имаат семејства! Треба ли да земат плата? Треба ли да ги подмириме трошоците за кислород, за лекарства, за апаратите кои се тука во функција? И да не набројувам колкави трошоци имаме, рече д-р Митрев.
Водителот Мишко Иванов во текот на разговорот повеќе пати предупреди дека снимките кои одат во позадина можат да бидат непријатни, а докторот Жан Митрев појасни:
-Се наоѓаме на одделот каде се наоѓаат пациенти кои се со најтешка форма на болеста. Речиси сите се интубирани. Потоа тој на монитор му покажа снимка од бели дробови на пациент, на која речиси и да немаше плуќа.
-Овој бран сега е многу поразличен од претходните. Ова што сега го гледаме, овие клинички слики, се неспоредливо потешки од порано. Британскиот сој, освен што е позаразен, очигледно создава и потешка клиничка слика, вели д-р Митрев.
Многу често, пациент кај кој состојбата трганала да се подобрува, одеднаш ситуацијата му се влошува и многумина за жал, завршуваат со неповоелн исход.
Ние сме тука постојано. Овој оддел работи 365 денови во годината, 24 часа. Ние со многу емоции ги доживуваме судбините на заболените и сочувствуваме, заедно со нивните роднини, кои во нашата болница, можат, со целосна опрема, да влезат во соба и да го видат пациентот, нивни близок роднина, вел д-р Митрев.
За крај, имам нешто да порачам. Бидејќи ми кажавте дека сè уште има луѓе кои не веруваат во вирусот (му се обрати на новинарот), упатувам отворен повик, за оние кои не веруваат, да дојдат, ќе им дадеме соодветна опрема и ќе ги обучиме и можат да работат како болничари, бидејќи ји недостига персонал, рече д-р Жан Митрев.
Видеото можете да го погледнете подолу