Сефер Цаноски завчера напиша статус кој беше предмет на многу коментари. Повеќето беа со пофални зборови, но имаше и такви кои му забележаа на Цаноски за напишаното.
Затоа, тој вчера напиша нов, моќен статус, во кој вели дека е поголем Албанец, Турчин, Македонец и Торбеш од многумина кои така се изјануваат, а објасни и зошто. Но најпрво извадок од завчерашниот статус кој поттикна коментари:
„Торбешите се Македонци-муслимани, кои говорат на македонски јазик. За некого Терминот „Торбеши“ во некои случаи има негативна и погрдна конотација.
Специфични по неколку особини и познати како вреден и чесен народ. Тажна е судбината на овие наши луѓе ако се погледне низ минатото.
Во историјата многу фамилии се отселени, претежно во братска Турција во Европа и Америка. Низ истите региони и ден денес ќе најдете полупразни села. И ден денес со светлосна брзина, овој народ се иселува или сака да се отсели.
Порано можеби причините и околностите биле различни. Денес и многу од нив слични. И не дека нешто ќе се промени во оваа насока за брзо време, но овој народ има можност да го исполни Аманетот на генерации и да биде почитуван и каков што е, признат или свој на своето.
Тој сон според мене може да се исполни само и само ако ги има стокмено и во една графа се попишани како:( торбеши/ помаци/ горанци/ мак. Муслимани, туркбаши и сл.), називи кои карактеризираат една и иста група на народ со специфична различност и со карактеристична посебност во делот на обичаи, носии, култура – од дримкол до Гора и од Дојран до Река.
Народ кој говори чист македонски јазик, голем дел зборува турски и албански јазик, народ кој бескрајно си ја сака својата татковина.
Во Македонија живееле моите предци, јас живеам и планирам да живеам, и се надевам дека моите идни генерации и натаму ќе живеат, креираат и работат овде во нашава земја…“, напиша меѓудругото Сефер Цаноски.
А еве го и вчерашниот статус:
„Моја суетна Македонијо. Не очекував дека ќе разгорам толку многу страсти со моите отворени и искрени размислувања. Но, на “патриотите” кои живеат во државава (од повеќе етникуми) би сакал да им порачам да пробаат да ја сакаат оваа наша држава Македонија како што ја сакам и јас.
Јас сум поголем Албанец од некои што се пишуваат албанци и ги почитувам повеќе од тие самите што се почитуваат. Затоа што мојата мајка е Албанка.
Сум поголем Турчин од некои што се пишуваат Турци и ги сакам и почитувам и имам добра причина за тоа. Затоа што мојата жена е Турчинка.
Сум поголем ТОРБЕШ од некои на кои најголем успех и придонес за истите им е што ставиле слика на Фејсбук што се. Затоа што мојот татко, мојот дедо и цела моја лоза сме биле и ке останеме Торбеши.
И да, се чувствувам дека сум поголем Македонец од многу македонци “патриоти ” поради мојот личен и институционален придонес со децении во нашево и за нашето мултиетничко општество.
Од Загреб па натаму во европа и светот, никој не се замара кој е и што е. Овде, во овој иск рва-вен дел од балканот со еден куп зло, војни и братопредавства, никако да пораснеме.
21 век и скоро четвртина дојде, нашите генерации треба да бидеме граѓани на светот и да имаме космополитни сваќања. Ако некој сака да ја види реалноста со поинакви очи, јас немам време за тоа. Светот оди напред.
Ние како општество – мултиетничко и специфично со богати култури и различности или ќе го искористиме тоа и ќе се држиме заедно и ќе гледаме напред или ќе си патиме уште долго.
Сакавте слобода на изразување , се изборивме за тоа , бидете тие што сакате да бидете. Јас како ќе се пишам или како се чувствувам тоа е моја лична и приватна работа. Јас реагирам кога ќе видам поделби, корист и злоупотреба на мојот народ.
Велам мојот народ мислам на сите кои живеат во нашава држава а не во Будимпешта. Овде има НАРОД кој е чесен и јас верувам дека еден ден ќе се свестиме и ќе тргнеме напред кон поквалитетни вредности и подобар живот.“