Веќе седма година живеам во САД, во сојузната држава Њу Џерси. Ниту во сон не можев да замислам дека ќе живеам на некои 30-40 минути од Менехетн, од градот над градовите, од центарот на светот.
Претходно во животот, два пати сум се обидел да работам низ Европа. Еднаш бев на Малта, а неколку месеци се обидов и во Германија. Но ова што го живеам сега овде, нема споредба со Европа.
Виза добив на лотарија. Искрено никогаш не се надевав дека токму јас ќе бидам тој среќник кој ќе биде извлечен, но сепак неколку години по ред аплицирав. И пред осум години ми се насмевна среќата.
Речиси една година траеше процедурата со средување на документацијата и добив виза за влез во САД. По пристигнувањето бев регистриран од граничните служби и многу брзо го добив социјалниот број, па можев да отворам сметка и да почнам да барам работа.
Работа овде многу лесно се наоѓа, треба да се има само желба. За да си ги зголемам шансите за подобра работа, одлучив веднаш да полагам и за возачка, бидејќи овде, возачаката дозвола е и документ за лична идентификација.
Бидејќи во Македонија веќе имав возачка, тука требаше да ги положам само тестовите. Односно, еден тест, кој ако имаш основни познавања на англиски, не е никаков проблем да се положи.
Нема чекање за добивање на документот, туку буквално процедурата е петнаесеттина минути. Доколку го положиш тестот, ти даваат едно ливче со кое одиш на шалтер, плаќаш 35 долари, те сликаат и веднаш по 5-6 минути ти ја даваат возачката. Звучи неверојатно, но така е.
Сега да се разбереме. тука нема нешто бирање и нема да добиете шефовска работа. За такви позиции, сепак треба да се изучи школо овде, да се заврши некаков факултет. Тоа децата мои здравје ќе си дочекаат.
Јас се вработив во УСПС, тоа е нивната пошта и разнесувам писма. Јас не го возев комбето, туку одевме во тандем, колегата возеше а јас ги оставав пратките пред врата. Платата беше 20 долари од час. Сега работам во Амазон, за слична плата, но не сум изложен на временски услови, туку работам во просторија за сортирање на пратки.
Бидејќи имаме мало дете, сопругата во моментов не работи. Кога ќе почне и таа да работи, ќе можеме да планираме да купиме и куќа, со две плати ќе биде поинаку.
Трошоците за живот не се многу високи, дури би рекол и слични се на оние во Македонија, како храна и комунилии. Бензинот е многу поефтин. Единствено нешто кое е навистина скапо е киријата за стан. Во моментов плаќам 1300 долари месечно за еднособен стан и тоа е дури и ефтино.
Од почетокот на пандемијата, условите малку се сменија. Почуствуваа особено оние кои работеа во туристичкиот сектор, во рестораните, кафетериите. Но оваа држава се грижи за своите резиденти.
Веднаш се организираа и имк понудија на оние кои ја загубиле работата неделен надоместок, кој во нашата држава изнесува околу 700 долари неделно. Единствен услов е да бараш постојано нова работа и по потреба да приложиш доказ на властите дека тоа го правиш. Доказот е белешки од интервјуа за работа.
Ви споменав дека живеам, според мене во најдобрата држава на светот. еве зошто мислам така. Покрај сите погодности, она што го споменав за невработени, државата ни даде до сега двапати неповратна помош.
Првиот пат тоа беа чекови од по 1200 долари, ги добивме некаде летото, вториот пар на крајот од минатата година по 600 долари од човек, а еве сега има најава дека ќе добиеме и трета таква помош, која ќе изнесува 1400 долари по човек.
Згора на тоа, државата Њу Џерси донесе закон со кој им забрани на газдите на становите и куќите кои ги издаваат да ги избркаат потстанарите, доколку немаат пари да им платат. Секако, тоа се разумни рокови од неколку месеци, во кои треба да се снајдеш, но сакам да ви кажам како оваа држава се грижи за своите жители.
Имам уште многу да пишувам за оваа прекрасна земја, со чист воздух и здрава животна средина, но во некоја следна прилика, повеќе. Поздрав до вашите читатели Галама.
Обработи: П.П.
Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама