Во првите денови од воведувањето на карантинот во Италија, луѓето низ целата земја пееја и свиреа од своите балкони и здружено си порачуваа „Сè ќе биде во ред“ (Andrà tutto bene). Три недели потоа, пеењето престана, а социјалниот немир расте додека голем дел од населението, особено во посиромашниот југ, сфаќа дека не е сè во ред.
„Тие веќе не пеат, ниту танцуваат на балконите“, рече Салваторе Мелузо, свештеник во Каритас Диоцесана ди Наполи, црковна хуманитарна организација во Неапол. „Сега луѓето се поуплашени – не толку од вирусот, туку од сиромаштијата. Многумина се без работа и се гладни. Сега има долги редици во народните кујни“.
Во јужниот дел на Италија имаше многу помалку смртни случаи поврзани со коронавирусот во споредба со најпогодените северни региони, но пандемијата има сериозно влијание врз приходите.
Тензиите растат низ најсиромашните јужни региони Кампања, Калабрија, Сицилија и Пуља, додека на луѓето им снемува храна и пари. Има информации дека на сопствениците на мали продавници им се врши притисок да даваат храна бесплатно, додека полицијата во некои области патролира во супермаркетите за да ги спречи кражбите.
Самовработените или оние што работат со договори што не гарантираат социјални бенефиции ги загубија приходите, а многу мали бизниси можеби никогаш веќе нема да се отворат.
Париде Езине, келнер во Палермо, Сицилија, повеќе не добива плата. „Очигледно, поради карантинот, ресторанот се затвори“, рече тој. „Имам сопруга и две деца и живееме од заштедите. Но не знам колку долго ќе траат. Побарав од мојата банка да ми ги одложи ратите – тие рекоа не. Оваа ситуација нè кутнува на колена “.
Последиците од карантинот, за кој се претпоставува дека ќе биде продолжен барем до Велигден, влијае и на оние околу 3,3 милиони луѓе во Италија што работеле на црно, од кои повеќе од 1 милион живеат низ Кампања, Сицилија, Пуља и Калабрија, според најновите бројки од ЦГИА Местре, асоцијација за мали бизниси со седиште во Венеција.
„Во реалноста, не знаеме колкумина работат на црно бидејќи овие бројки се само процени“, рече Џовани Орсина, професор по политика на универзитетот Луис во Рим. „Сепак, значителен број луѓе живеат од ден за ден, вршат повремени работи. Исто така, има многу дуќанџии, или професионалци што работат сами за себе, кои може да имаат умерени заштеди што ќе ги снема ако се подолг период во карантин“.
Во екот на огромната вознемиреност, премиерот Џузепе Конте рече дека 4,3 милијарди евра од фондот за солидарност веднаш ќе бидат пратени во сите општини и дополнителни 400 милиони евра ќе одат кај градоначалниците за претворање во купони за храна. Но градоначалниците се побунија дека средствата, особено 400 милиони евра за купони за храна, не се доволни.
„Апсолутно не е доволно“, рече Салво Пољезе, градоначалник на Катанија. „Очекувавме повеќе и се надевам дека владата ќе најде начин. Ситуацијата е исклучително деликатна бидејќи значителен дел од населението има нула приход. Оние што порано живееја достоинствено, сега се наоѓаат во проблеми“, пренесува Гардијан.
Целиот текст прочитајте го на мкд.мк