Ситуацијата со Корона во Европа ескалира од ден на ден. По Италија, Шпанија е една од најзагрозените земји. Шпанските власти потврдија дека вкупниот број на заразени со коронавирус во земјата надмина 100.000, додека дневниот број на жртви надминува 800, петти последователен ден.
Вкупниот број на заразени во земјата сега изнесува 102.136, од кои 5.872 се лекуваат во единиците за интензивна нега низ целата земја. Властите објавија дека има 864 нови по чинати. Зголемувањето е пониско од претходните денови во однос на процентот, и покрај тоа што апсолутно гледано е рекордно.
За среќа, околу 22.000 луѓе се излечени од инфекцијата, според бројките објавени од шпанското Министерство за здравство.
Во меѓувреме, министерката за економија на Шпанија, Надиа Калвино, изјави дека нејзината влада и покрај кризата нема проблем со финансирањето, но побара систем на нивно на цела ЕУ за да се сподели направениот долг со цел да се надмине кризата со коронавирусот во сите земји-членки.
Португалија е блиску до Шпанија и се чини дека според бројот на жители, оваа земја е исто така при врвот во Европа. Само денес се пријавени нови 800 случаи на заразени, до поладнево.
-Ограничувањата поради новиот коронавирус може да траат „еден, два, три месеци“, изјави португалскиот премиер Антонио Кошта.
Вкупно 3.600 компании побарале поддршка од португалската Влада да платат дел од платите на 76.000 вработени чија работа е стопирана како резултат на кризата со коронавирус, додаде тој.
Претседателот на Португалија Марсело Ребелу де Соуза се очекува попладнево да донесе одлука дали да се продолжи со вонредната состојба прогласена на 18 март, со која се наметнува ограничување на движењето на луѓето и предизвика затворање на илјадници бизниси.
Бројот на потврдени случаи на коронавирус во земјата е 8.251, а 187 луѓе починале. Не знаеме дали тоа ќе трае еден, два или три месеци и ова очигледно е застрашувачко за сите, рече Кошта за локални медиуми.
Тој ги потсети граѓаните дека и покрај приближувањето на Велигден, тие нема да можат да одат кај другите членови на семејството за да слават заедно.