Македонскиот епидемиолог проф. д-р Драган Даниловски во онлајн-дискусијата со членовите на „Наука за сите“, која се одржа во средата на 25 март, во која покрај него, учествуваа Никола Стиков, Горазд Росоклија, Елисавета Стикова, Атанас Кирјаковски и Гоце Симоноски изјави:
„…Јас веќе поднесов барање за да набавиме 400 000 брзи тестови, со кои за десетина минути се определува нивото на IGM антитела, кои први се јавуваат во 9-тиот ден по инфекцијата, па само тие што ќе имаат покачено ниво на IGM потоа да бидат тестирани со тестови за вирусот.
Тие се инстант-тестови, а тестираните дури и од автомобил не мора да излегуваат додека да се направат и да се добијат резултатите. Имаат 86% сензитивност и 100% специфичност“.
– Нешто што мора паралелно да се прави и што СЗО постојано го препорачува е: тестирање, тестирање, тестирање… Така, во Јужна Кореја успеаја да имаат дневно само по 50–60 заболени.
Но, тие имаат направено досега околу 300 000 тестови, кои имаат откриено еден куп „метастази“, невидливи кластери на асимптоматски случаи, кои ги локализираа апсолутно промптно и ефикасно, така што не дозволија бројот да ескалира. Ние не можеме повеќе да се потпреме само на изолацијата од 14 дена, без тестирање, ако не се јават симптоми. Буквално на сите изолирани што биле во домашна изолација мора да им се направи тестирање – вели д-р Даниловски.
Кај нас проблемот е што се преземаат мерки што функционираат во одредена мера, но со задоцнување. Рестриктивните мерки што ги имаме сега требаше да ги воведеме кога имавме само неколку случаи, да интервениравме во долниот дел на експоненцијалната крива на растот на случаите, со што темпото на пораст ќе беше поблаго.
Сега веќе почнуваме да се искачуваме на стрмниот дел од кривата и почнува да се јавува лавина, објаснува македонскиот епидемиолог. Тој предлага и една друга идеја:
– Јас веќе презедов некои иницијативи да се обидеме да се справуваме со епидемијата преку воведување на трасирање на контактите со помош на апликација за мобилни телефони.
Теоретски гледано, би се обезбедил увид во мрежата на контакти на сопственикот на мобилниот телефон (инфициран или болен) и врз основа на тоа би се имало целосен увид во неговото функционирање и дружење и би се лоцирале сите лица со кои тој евентуално контактирал.
Тоа е нешто што навистина можеби некому нема да му биде пријатно, затоа што е навлегување во интимата, меѓутоа е неопходно бидејќи се реализира неподносливо лесно, а бенефитот е непроценлив.
Јапонците, на пример, тврдат дека на овој начин успеале дури 80 отсто од сите случаи на болест да спречат да инфицираат никого околу себе, врз основа на тоа што веднаш реагирале со локализирање и елиминирање на сите со кои биле во контакт, кои биле веднаш тестирани. Навистина, како да се од друга планета…”