Јавното обвинителство предупреди дека ќе одговараат со затвор до една година сите оние кои не го почитуваат полицискиот час воведен за заштита од коронавирусот, кој почнува од вечерва во 21 часот, пренесува сдк.мк.
Граѓаните кои ќе се движат од 21 часот до 6 часот наутро, ќе бидат обвинети за истото кривично дело по член 206 од Кривичниот законик – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, како оние што се во изолација, а излегуваат надвор.
Односно, секој кој нема да почитува полициски час, ќе се смета дека шири зараза.
„За ставот 1 од член 206, за кој е пропишана одговорност на физичко лице, предвидена е парична казна или затвор до една година, а во ставот 2, ако делото го стори правно лице, пропишана е парична казна до 30 милиони денари (околу 490.000 евра)“, вели Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Во меѓувреме, истражниот затвор во Шутка подготви за почеток 4 ќелии за оние досега казнети граѓани кои излегле од самоизолација, постапиле спротивно на мерките на Владата, за оние кои се спротивставиле или нападнале службени лица (лекари, полицајци, војници, за кои веднаш во пракса има притвор) и за други кривични дела.
Директорот на Истражниот затвор „Скопје“ Есад Рахиќ потврди дека паралелно со носењето на владините мерки за справување со пандемијата со коронавирус, овозможени се сместувачки капацитети во затворот во Шутка, за кривичните дела поврзани со ширење на заразата.
Извор: сдк.мк