Калина Коси: Сите петки
,,Неколку другарки ја викаа денес ќерка ми на прошетка до парк. Бидејќи ѝ ја полнам главата секој ден со сериозноста на ситуацијата, требаше да донесе тешка одлука. „Јас ти кажав, се знаеш, сама одлучи дали ќе одиш или не“, ѝ ја вратив тежината на одлуката на неа. Сеуште е во основно училиште, ама не е мала.
Се мислеше, се врткаше, ѝ се одеше. Се јавуваше, па прејавуваше, па ме консултираше. „Ама само 3 ќе сме, нема да сме повеќе од 5“, ми се враќаше со дилемите. „Ти си знаеш, како сметаш дека треба, така направи“. Го положи тестот. Не отиде. Се растажи. Си влезе во соба и сеуште е таму.
Нека ја. Од 3 ќе се направат 4. Па ќе ги сретне и изгушка некоја 5-та. Па ќе им се придружат уште 2 од маало. Деца како деца. И јас се растажив. Си мислев „Можеби претеруваш, премногу неосновано стравуваш, цело Скопје е надвор“.
За малку ќе ме убедеше, ќе ѝ речев „Оди, ама пази се“, се воздржав. И да, можеби претерувам, ама поарно таа во соба еден ден да седи тажна, отколку јас или било која друга мајка или ќерка утре да плаче.
Ова е лекција. За неа и сите други деца. Животна. Ќе научи дека не е единствена, дека од нејзиното здравје зависи туѓото, дека не смее да биде себична и егоистична, дека понекогаш мора за туѓото добро да се жртвува.
Ќе научи што е колективно добро, свест и совест, што е грижа за другите, што е одговорност. Лекција која е покорисна и поважна од успехот „скроз одлична“ во свидетелство на крајот од школската година. Лекција за сите петки на тестот – Што значи да бидеш човек!