Министерот за здравство Венко Филипче, синоќа одржа прес на кој информираше за новите позитивни случаи на Корона вирус, а потоа со статус на социјалните мрежи ги објасни детално сите нови случаи:
,,Пет нови случаи на коронавирус во земјата. Утре контролен тест за уште две лица кои се тестирале на Клиниката „Жан Митрев“.
Утрово беа тестирани 7 лица. Од нив, негативни се резултатите на 6 лица, а позитивен е резултатот на една пациентка која била прегледана на Инфективната клиника во Скопје. Пациентката е на возраст од 54 години, се вратила од Холандија, ноќта помеѓу 12-ти и 13-ти овој месец. Развила симптоми и денеска е јавена на преглед на Клиниката за инфективни болести фебрилни состојби во Скопје.
Најдени се сите контакти од семејството, таа била во домашна самоизолација, според нејзиното кажување и анкетата на епидемиолозите. Контактирани се членовите на смејството, возачот на таксито којшто ја возел од Аеродром до дома, а во овој момент се контактираат уште 31 лице кои се вратиле со авионот, а кој пристигнал од Виена. Таа е со лесна клиничка слика и веќе е хоспитализирана. Со ова, бројката на сместени и хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје сега е 14.
Попладнево на коронавирус се тестираа уште 10 други лица – 7 од Дебар, од кои 4 биле во контакт со заболените и истите се позитивни на вирусот, како и 3 по случаен избор кои се негативни. Дополнително на коронавирус се тестирале и две лица на Клиниката „Жан Митрев“ во Скопје.
„Две лица кои имале симптоми на грип се јавиле во лабораторијата на Клиниката „Жан Митрев“. Тие биле спроведени по протоколот на болницата, земени се материјалите и тестовите се позитивни. Меѓутоа, ние тие тестови поради усогласување и унифицирање на методата на тестирање, во текот на утрешниот ден ќе ги тестираме во нашата лабораторија.
Утре претпладне ќе се знаат резулатите на пациентите тестирани на Клиниката „Жан Митрев“. Во мометов состојбата во земјата е 23 потврдени случаи на коронавирус преку лабораторијата на ИЈЗ Скопје.”