Никола Димитров: ,,Во 2014 година ја напуштив дипломатијата, мојата професија од 1996. Решив да не одам во Москва, мојата следна дестинација како амбасадор, чувствувајќи одговорност за очигледно погрешниот курс на тогашната власт. Го напуштив системот и си дадов отказ во МНР, без намера за некаков политички ангажман.
Во 2015 кога ги чув првите “бомби”, не можев да не влезам во борбата да го тргнеме срамот од македонската нација и да ја извлечеме татковината од “преродбата” на Груевски што всушност беше одродба и од македонското автентично ЈАС и од демократијата кулминирајќи во “заробена држава” (Европска комисија).
Бев активист на Шарената револуција, ја ширев вистината против режимот објавувајќи текстови во меѓународни и македонски медиуми. По изборите, лидерот на СДСМ, Зоран Заев ме повика да се вратам и да ја водам дипломатијата.
Заедно, за 30-ина месеци, од земја “во ќорсокак” (Фуле) и меѓународна изолација, успеавме да ја исправиме државата на нозе и одлучно да зачекориме напред.
Го решивме најголемиот проблем од независноста, што ни ја држеше иднината заклучена.
Наместо во антиката, дебатата ја преместивме во 21 век, каде правото на самоопределување и самоизјаснување е не-спор-но! (Член 7 од Преспанскиот договор). Ние сме македонски народ што зборува македонски јазик и живее во нашиот дел од историскиот регион Македонија, во Северна (придавка) Македонија (ИМЕнка).
Ја заокруживме личната карта во ОН, каде бевме “поранешни”. На прагот сме на реализација на децениските стратешки цели: членство во НАТО и пристапните преговори со ЕУ.
Од земја во ќорсокак, станавме светла точка и пример (Меѓународната заедница во хор) за целиот регион.
Од проблем, направивме пријатели. Од кукање над тешката судбина, од филмот на жртва, преземавме одговорност за иднината, со дизгинот во раце и со победнички дух!
Пред нас се клучни избори. Со расчистен пат надвор, предизвикот од надворешна политика ќе се помести дома.
Решив дека денес не е време да се седи на страна. Како човек што нема и немал партиска припадност, активното учество на изборите не е едноставна одлука. Но, ние немаме луксуз да бидеме пасивни набљудувачи.
Изборите, за жал, нема да бидат натпревар на идеологии, политики, способност и посветеност. Не е прашањето кој ќе оди напред побрзо и повешто, туку кој воопшто оди напред. Изборите се раскрсница: Да не’ биде или не!
На овие избори, дресот на СДСМ и коалицијата не е само дрес на партија, туку е дресот на иднината и надежта, и покрај тоа што имавме и грешки; за на следните избори да имаме вистински мегдан и натпревар. Нашиот претстоен предизвик – реалната битка – е онаа за правда и еднакви можности.
Му благодарам на СДСМ и на Зоран Заев за честа да бидам носител на Изборната единица 1.
Ќе дадам се’ од себе за мојот народ, македонскиот народ, и за сите други наши сограѓани, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци и Роми … за да ја средиме нашата заедничка куќа! Се’ од себе за да докажеме дека можеме и повеќе и подобро! Ќе не’ биде!”