Фросина Ременски проговори како се запознала со Боки 13: Да не заборавиме на колку луѓе тој помогна

0

Поранешниот пратеник, потпретседател на парламентот и на владеачката СДСМ, Фросина Ременски, во интервју за Слободен Печат, меѓу другото, објаснува и како се запознала со Бојан Јовановски, но и не се дистанцира од него како човек, како што вели, сега, кога тој е во невоља.

Таа во свој статус на социјалните мрежи вади цитат од интервјуто:

,,Години наназад застапувам принципи што не секогаш се политички пожелни. Имам крут став за одредени принципи за одговорноста, како и за борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Мора да има длабинска реформа во институциите, одговорност за политички монтираните случаи и за глувонемоста на институциите кога масовно се кршеле човековите права и слободи.

Кога ќе ги потенцирате овие принципи и ставови и во време кога сте на власт, делува како да излегувате од шаблонот на некритика кон своите. Има и такви што лично ги сфатиле моите критики. Не би давала оценка дека сум жртва на мојата партија, туку жртва на моите принципи и мојата искреност, како правдољубив човек.”, напиша на социјалните мрежи Ременски.

– Додека на човек не му се случи нешто, на сите ни е нормално неговото однесување, на сите ни е добар за дружба, меѓутоа кога ќе се најде во неволја, сите се дистанцираат од него. Тоа е најголемото општествено лицемерие кое го живееме. Бојан го запознав сосема случајно, за време на мојот мандат како технички министер за труд и социјална политика.

Во борбата со кадровските непринципиелности, дознав дека сум „спасила“ неколку вработени од отказ од работа, затоа што пријавиле криминал во секторот во кој работеле. Бојан го запознав по негова желба, за да ми се заблагодари за спасот на неговата мајка во тој период.

Тој беше своевидна служба за социјални работи во тоа време. Не е убаво да ги заборавиме гестовите (на Бојан – н.з.) кои ги правеше за многу семејства. Во таква една спонтана комуникација, ние станавме пријатели кои делеа идеи и размислувања за општествени состојби.

Секој што го познава Бојан ќе каже дека е добар за друштво и принципиелен другар. За жал, многумина не сакаат тоа да го признаат. Моето познанство е можеби помало од она што Бојан го имаше со други мои сопартијци и други лица од бизнис-заедницата, вели за Слободен печат Фросина Ременски.

Целото интервју прочитајте го на Слободен Печат.

Претходна статијаРисте од Штип повторно проживува тешки моменти: Ми барат 23.000 евра за да не ме иселат
Следна статијаНајпознатиот Тетовец се најде во центарот на вниманието кај светската јавност: Познато и поради што