Македонците веќе се познати по тоа што каде и да настапуваат привлекуваат најголемо внимание и речиси секогаш се во врвот на пласманот од напреварувањата, а неретко и победници.
Таков беше случајот со Даниел Кајмакоски, Александар Белов, струмичанката Ленче Кукиќ и многу други. Најновата ѕвезда која несомнено ќе блесне се вика Калина Велковска.
Социјалните мрежи од вчера се преплавени со настапот на младата македонска пејачка, која со својот перформанс во музичкото шоу „Гласот на Бугарија“ ја натера жирикомисијата да стане на нозе и да вреска на глас.
По нејзината моќна изведба на песната „This World“ на Села Сју, жирито дури почна расправа за тоа во чиј тим да се приклучи Калина. Сепак, нејзиниот избор беше тимот на Иван Лечев.
Како по некое непишано правило, штом некој млад пејач (во случајов и не така непознат) се појави на регионални музички шоуа, веднаш добива на внимание од повеќето домашни медиуми и јавноста.
Но, Калина не е новитет на нашата домашна забавна музичка сцена, па за потсетување, издвоивме бекграунд за неа од нашите претходни содржини, чисто за враќање на меморијата дека Калина не е талент кој го пронајдоа во Бугарија, а ние ја гледаме првпат.
Калина Велковска, или само Кали е една од најнадежните вокални имиња на македонската естрадна сцена. Инаку, клубската публиката ја познава како членка на групите „Мјузаик“, „Аутмајнд“ и „Ла колони Волвокс“, но и по соработките со Калиопи како нејзин придружен вокал во 2016 на Евровизијата во Стокхолм, Александар Ристовски – Принц, Горан Папаз и како дел од музичко – ѕвездениот екипаж на проектот: „Floating through space with Sarah Mace“ на Сара Мејс.
Нејзината последна песна за која снимаше и спот е насловена „Ти ми зеде се“, а претходно гостуваше во спотот и песната за „Шарена баанана“ на Принц.
До каде ќе дотурка Калина во бугарското шоу, останува да видиме, но сигурно е дека со ова талент шоу нема да биде во сенка, барем некое време, а за понатаму секогаш останува прашалник како ќе се наредат коцките, особено на македонското естрадно музичко небо.
Извор: Вистина