Отидов да работам Германија, а дечко ми уште е во Битола – едвај чекам со него семејство да основам

0

Родена сум во Битола и да ви кажам искрено, голем патриот сум. Си ја сакам татковината, си го сакам македонскиот јазик.

Мајка ми и татко ми припаѓаат на работничка класа, живееме добро како средна класа. Некогаш полошо, некогаш подобро, зависи од годинината. Татко ми понекогаш излегува и после работа како водоводџија, зошто искрено, не стигаат парите.

Јас завршив медицинско средно, ама што ако, пак си седам дома и ако ми дадат моите џепарац излегувам на корзо или на кафе со дечкото и другарките. Пред неколку години мајка ми ја избркаа од работа, за нон-сенс политички работи, не ми се зборува за тоа, па лани едвај најде нова работа. Сега кога пораснав гледам дека е многу тежок животот.

Имам братучеди во Скопје и често одам кај нив. Таму многу убаво си поминувам, цело време ме носат со нивно друштво, ме шетаат, излегуваме по дискотеки и кафулиња, многу е забавно.

Но, како што тие велат, и кај нив во главниот град не е баш најсјајно. Тешко се наоѓа работа, слабо платена, скап живот. Една другарка од школо ми предложи да одиме во Германија зошто многу заминале таму. Да си ја пробаме среќата.

Седнав и зборав со моите дома, иако се натажија, не ме спречија, туку ми рекоа да си ја барам среќата каде што сум наумила. Подоцна вечерта ја видов мајка ми како плаче.

Следниот ден ми рече дека таа имала братучетка во Германија која многу одамна живее таму и повремено одржувале контакти. Знаев за оваа “тетка”, ама ја имав изумено.

Ми рече дека ќе воспостави контакт со неа и ќе ја замоли ако може да ме прибере, барем на почеткот додека да се снајдам.

Мајка ми сака да знае дека ќе одам кај познати, на сигурно, да не ме мисли. И реков да не се грижи дека сум голема и дека сигурно нема да завршам на улица да спијам. Ама, таа инсистираше да одам кај братучетка и’, кај тетка Марија.

Му кажав на дечко ми за планот и му реков дека штом се вработам и заминам од кај тетка ми, дека ќе му се јавам и тој да дојде, па да живееме тука заедно. Тој се согласи и ми рече, колку можам поскоро тоа да го направам.

Завршив курс по германски јазик, и ете ме мене во Германија. Тетка ми ме пречека срдечно, и двете нејзини ќерки, братучетките. Немаа уште една соба за мене, ама ми рекоа дека можам да спијам во трпезаријата на каучот. Братучетките зборуваа со мене исклучиво на германски јазик, а тетка ми мешаше, де германски, де македонски.

Им се заблагодарив и им реков дека колку можам поскоро ќе си најдам станче и дека ќе си заминам од кај нив. Да бидам искрена, не очекував дека така добро ќе ме пречекаат. Сепак, не сме толку блиски роднини.

Како и да е, ме примија во болницата каде што аплицирав како негователка и веднаш почнав да работам.

После работа си доаѓав преморена и сакав веднаш да си легнам, ама тоа беше невозможно зошто во станот секогаш имаше луѓе, другарки на братучетките кои доаѓаа, пријатели на тетка ми…

Набрзо сфатив дека станов е како хотел-промаја. Доаѓаат и си одат многу луѓе, што ми беше многу чудно. Од дома ме спремаа дека во Германија луѓето се ладни и дека не комуницираат меѓусебе. Но, ова што го видов кај тетка ми, беше сосем поразлично од сликата што си ја замислував.

Почнав и јас да се дружам со нив зошто ми се видоа ептен фини. Меѓутоа, кога малку се опуштија со мене им ги видов вистинските лица. Им се отворив и им кажав дека имам дечко кој планирам да го викнам овде, да живееме сами во некој стан, а тие веднаш почнаа да негодуваат.

Почнаа да зборуваат сè најлошо за нашите мажи, за Балканците воопшто. Ми рекоа дека ќе сум била глупача ако сум продолжела со дечко ми да се гледам. Почнаа да ме убедуваат дека сум морала за себе да си најдам некој Германец, исто како нив. Тие биле поинакви, со нив сум можела да имам подобар брак и така натаму.

Тетка ми е во брак со Германец и ќерките не ги научила ни зборче на македонски јазик. Потоа сфатив всушност дека тие се дружат само со Германци и со никој друг нашинец. Почнав да се чудам како воопшто ме примија мене, мора со нешто мајка ми да ја задолжила тетка ми.

Ми пукна филм и сега сакам што поскоро да си заминам од кај нив. Му се молам на Бог да не станам и јас како нив, иако тетка ми важи за паметна и успешна жена.

Си го сакам дечкото и сакам да се омажам за Македонец, да си имам семејство. Моите деца ќе зборуваат на македоснки јазик, па ако мора и на крајот од светот да живееме.

И.П. Фото: Илустрација

Авторски текст, не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.

Претходна статијаНајдобрите студенти по медицина останаа без работа: Завршија со 10ка, но сега седат дома
Следна статијаПет дена пред свадбата ме бараа да им бидам кум, но само поради едно нешто ги одбив