Рашела Мизрахи, сменетата техничка министерка за труд и социјална политика, дефинитивно ги доживува ѕвездените мигови во политичката кариера. Барем засега, во рамките на својата партија, ВМРО-ДПМНЕ.
Од тотален анонимус во политиката, со неколку (според аналитичарите) несмасни изјави, го привлече вниманието на медиумите, јавноста, но и владеачките партии за кои стана центар на политичко внимание.
Новинарот Васко Ефтов во својата емисија ,,Во Центар” во неделата, ваквото внимание кое Мизрахи го доби од страна на власта, го оквалификува како смислено сценарио за етикетирање на ВМРО-ДПМНЕ:
,,”Мизрахи им одгавара на владеачките партии, бидејќи таа застапува тврдокорни ставови околу името и ја продолжува матрицата на Никола Груевски.
Тука Ефтов прави анализа која е Рашела Мизрахи и како дојде таа да биде технички министер во преодна влада.
Како главна алка во спојот на Рашела Мизрахи со актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, Ефтов ги споменува нејзините роднини Виктор и Лилјана Мизрахи, мајката на Рашела”.
Со ова форсирање на Мизрахи во медиумите, власта сака да ја прикаже ВМРО-ДПМНЕ како ретроградна популистичка партија, која ги крши законите и уставот, сè со една цел, да им се додвори на гласачите пред избори.
Дека можеби има и вистина во ваквите тврдења, припадниците на владеачката партија го истакнуваат примерот со гласањето на законот за армијата, кога неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ гласале за истиот, а за тоа немало ,,Бадентерова” потреба.
Вчера во дебатна емисија попретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николовски, немаше коментар на оваа констатација од страна на Радмила Шеќеринска:
-ВМРО-ДПМНЕ гласаше за закон во кој името на Армијата се прилагодува со уставните измени за името. За овој закон не беше потребно двотретинско мнозинство, а пратеници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа.
Кога дојде на ред законот со кој НАТО ќе може да и помогне на Македонија, вие измисливте приказна дека сте против промена на името на Армијата. На крај ваша пратненичка тргна да се пресмета со колешка зашто тоа го кажа на говорницата, рече Шеќеринска.
Но да се вратиме на почетокот од текстот. Рашела Мизрахи е новиот херој по општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Таа тоа го почувствува и е активна со нивни посети секодневно. Ова е нејзиниот последен статус од вчера:
,,Ако се потсетиме само две поколенија наназад ќе се увериме дека сите сме или роднини или пријатели. Никој не е херој сам, ама херојската победа се остварува само со тимска работа.
Да стоиме заедно со нашиот Претседател Hristijan Mickoski, заеднички да го трасираме патот за Обнова, а бидете сигурни во силата, затоа што Македонија ни го чува грбот.”