Целиот регион е во шок по веста дека фолк-пејачот Шабан Шаулиќ го изгуби животот во сообраќајна несреќа која се случила во раните утрински часови во Германија. Пејачот кој цели пет децении беше присутен на сцената и ја носеше титулата „крал на фолк-музиката“, загина на 68-годишна возраст, откако во автомобилот со кој тргнал на аеродром удрило друго возило, управувано од 34-годишен маж, под дејство на алкохол и без возачка дозвола.
Пораки со сочувство, фотографии од пејачот и снимки од негови настапи ги преплавија социјалните мрежи на Балканот. Од Шаулиќ се простуваат неговите колеги, пријатели, политичари, јавни личности, но и почитувачите на неговото дело.
Околу тоа кој беше Шабан Шаулиќ, се пишувало во повеќе наврати. Роден е на 6-ти септември 1951 година во Шабац. Голем дел од детството поминал во Бјелина. Со неговата сестра имале скромно детство, бидејќи родителите немале редовни примања, таткото продавал лотарија, а мајката пак – играчки.
Шабан уште од рано детство бил талениран за музика, но и за спорт. Сепак, неговиот чичко Алија сметал дека од музика ќе може да заработи повеќе пари. Една ноќ го викнал во кафеаната каде седел со друштвото и му рекол да им запее. И покрај тоа што се срамел, сепак Шабан не го одбил својот чичко кој бил голем авторитет за него.
Првата песна која ја отпеал во кафеаната пред друштвото на Алија била ,,Jablani se povijaju” и локалот за кратко време се наполнил. Така започнала неговата музичка приказна и потоа веќе редовно настапувал во истиот локал.
Првите три песни ги снимил за ПГП РТС и на 18 години се преселил во Белград, со цел да изгради успешна музичка кариера. Но, преселбата на момче од провинција во голем град му падала доста тешко. На почетокот, луѓето ги знаеле неговите песни, но никој не знаел како изгледа.
Подоцна, ја запознал сопругата Гордана, со која добиле три деца, ќерките Илда и Санела и синот Михајло. Има и вонбрачен син Роберт, кој го признал и за кого плаќал алиментација се до неговата 18-та година. Неговата ќерка Илда тргна по неговите стапки и се занимава со музика.
Шабан Шаулиќ стана пејач по наредба на неговиот чичко Алија, сметајќи дека во тој бизнис се парите. Елвис Присли е крал… а Шабан е цар! Така од прилика мислел народот во Србија.
Шабан е роден 1951 година во Шабац, детството го поминал во Бјелина. На 18 години се сели во Белград, и започнува една блескава музичка кариера.
Обично кога се зборува за Шабан Шаулиќ прво се мисли на неговиот мега хит „Dođi da ostarimo zajedno“ кој го лансираше во 1978 година. Текстот е на Шабан, а музиката е на Раде Вучковиќ.
“Интересна е приказната околу оваа песна. Кога ја снимив „Dođi da ostarimo zajedno“ добив критики од сите мои колеги, кои велеа: ‘Шабан никогаш не промошил ниедна плоча, но ова е дефинитивно промошување’. Образложувањето беше. ‘Ние песната не ја разбираме’.
Сметаа дека со неа отидов во народњачки води, и баш ми замерија. А јас сакав да направам само нешто ново, поинаку, позанимливо. Таа песна ја свиреа педесетина луѓе во студио, тоа беше симфонија. Ја пишував заедно со Раде Вучковиќ и се покажа дека навистина направивме револуција.
Експлодираше како атомска бомба и таа плоча беше најпродавана во тогашна Југославија. Повеќе од милион и двеста илјади примероци. Беше врвен хит ,голем чекор напред на музичката сцена – изјави Шабан Шаулиќ во последното свое интервју дадено за новости.рс.
Последното интервју го имал пред крајот на минатата година, по повод големиот јубилеен концерт – 50 години на сцената, во белградска Арена. На новинарското прашање од каде тој дар за пеење, Шабан одговорил:
„Не умеам поинаку да пејам, и секогаш си кажувам – Сега пееш и Бог знае кога и дали воопшто ќе запееш. Кога е во прашање народната музика, тоа е мојот свет во кој секогаш носам нешто ново, како што правам и целиот живот“.
Музичарот ќе биде погребан на Алејата на заслужни граѓани во Белград, а неговиот син Михајло и блиски членови на семејството веќе се упатиле кон Германија, од каде ќе го подигнат неговото тело.