Вчера поранешниот пратеник и Министер во Владата, а сега директор на Царина, Горан Сугарески, ја објави својата кандидатура за Градоначалник на Прилеп:
„Почитувани сограѓани, драги мои Прилепчани, од секојдневните контакти со Вас, Вашите сугестии, размислувања, иницијативи, заклучив дека Ви го должам мојот максимален ангажман, дека сега сум најпотребен меѓу своите, во период кога предизвиците се најголеми!
Денес објавувам дека влегувам во демократска трка за кандидат за Градоначалник на Општина Прилеп на локалните избори. Доколку ја добијам довербата на моите сопартијци, сигурен сум дека како кандидат на СДСМ, заедно со жителите на нашата Општина Прилеп ќе оствариме заедничка сенародна победа!
Победа на која ќе бидеме горди! Зошто го правам ова сега, неколку месеци пред локалните избори? Затоа што сметам дека на еден град херој му личи да биде пример и предвесник на новата скала во демократскиот развој..
Јас целата своја досегашна политичка кариера ја поминав како политички фајтер, но кој никогаш не задавал удари под појас! Затоа сметам дека е единствено исправно и политички коректно на истекот на 6 месечниот мандат на в.д. директор да прекинам да ја обавувам јавната должност во Царинската управа.
Не сакам да оставам ниту трошка сомнеж дека на било каков начин ќе го злоупотребам моето учество во извршната власт за да влијаам на постапката за избор на кандидат за градоначалник. Внатрепартиската процедура не смее да има ниту една дамка.
Длабоко сум убеден дека ова е логичен и принципиелен демократски исчекор во една модерна, транспарентна и супер демократска партија како СДСМ. Тоа значи дека од 11 јули јас се враќам на моето работно место во Општина Прилеп!
Нека победи најдобриот! Ако членството на Општинската организација на СДСМ Прилеп и централното партиско раководство ја даде довербата на друг кандидат, бидете сигурни дека ќе му ја дадам мојата безусловна подршка и ќе трчам како да сум јас!“
Синоќа пак, Претседателот на СДСМ Зоран Заев, го обзнани првиот официјален кандидат на партијата за претстојните избори, а за останатите кандидати, кажа на кој начин ќе може во селекцијата да учествува и членството.
– За некој ден ќе ги објавиме првите 20-тина кандидати за градоначалници, на почетокот на август ќе ја објавиме втората група кандидати, а третата група кон крајот на август.
Но, нема посоодветно место од Валандово, да го објавам првиот кандидат за градоначалник, за кој нема никакви дилеми ниту во општинската организација на СДСМ, ниту меѓу коалицијата.
Драго ми е да го објавам првиот градоначалник, кој ќе биде и избран на следните локални избори, Перо Костадинов, човек кој тоа го залужува. И ја користам приликата да ја упатам пораката до сите функционери:
трудете се, работите, служете му на народот и нема дилеми дека ќе ја добиете довербата и од граѓаните и од своето партиско ракводство, рече Заев на граѓанската трибина „Најдоброто за нашата општина“.
Најави дека постапката за останатите кандидати продолжува преку испитување на јавното мислење и анкетирање на членството.
– Сите социјалдемократи ќе добиете викендов СМС порака преку која ќе се изјасните за кој кандидат за градоначалник ја давате вашата поддршка, а секако ќе следуваат и анкети насекаде низ државата, рече Заев.