Прават ли театар двете најголеми партии со „црвените“ линии?

0

По предлогот за резолуција со црвени линии во преговорите за спорот со Бугарија, од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, завчера Премиерот Зоран Заев рече дека СДСМ дава поддршка за документот подготвен од ВМРО ДПМНЕ.




Сè со цел да се исцртаат идентитетските „црвени линии“ во разговорите со Бугарија, но Уставот мора да се почитува и резолуцијата треба да го содржи новото име, не негова кратенка или пак старото „Република Македонија“.




-Во нашиот Устав не пишува дека ние сме Република С. Македонија. Ние сме Република Северна Македонија. Граѓаните за тоа прашање се изјаснија на референдум и согласно Уставот, две третини. Парламентот во дискусија од 130 дена, три пати гласајќи, ја донесе одлуката за нашето ново уставно име.




На името Република Македонија се додаде зборчето Северна и тоа е дел од Преспанската спогодба која е закон веќе, а е дел и од Уставот. Очекувам да се почитува Уставот од страна на сите, а политичките партии треба да бидат први“, подвлече Заев.




Оваа промена на ставот во владејачката партија, која што претходно се изјасни дека ќе ја поддржи резолуцијата таква каква што е повод ВМРО ДПМНЕ за синоќа да свика седницата на Извршниот комитет.




„Зоран Заев бара формална пречка за нејзино неносење, за да има простор да се пазари со идентитетските прашања и точките од најголемо од национално и државно значење. Отворањето на теми што не делат во однос на Резолуцијата, ја ослабнува македонската позиција во однос на позицијата кон Бугарија.




Задача на владата во однос на ова прашање е да не обединува, а не да не разединува“, велат од ВМРО ДПМНЕ напоменувајќи дека текстот на резолуцијата е напишан од највисоките научни и образовни институции МАНУ и УКИМ.




Партијата минатата недела ја пушти во собраниска процедура резолуцијата со потписите од својата пратеничка група. Од кабинетот на спикерот Талат Џафери се уште нема информација кога истиот би можел да се најде на дневен ред.

ВМРО-ДПМНЕ нема да ја менува со новото уставно име Резолуцијата за црвените линии со Бугарија.




Ваква одлука донело раководството на партијата на синоќешната седница на Извршниот комитет, по условот од премиерот Заев дека СДСМ ќе ја поддржи Резолуцијата ако го содржи новото име „Република Северна Македонија“, а не негова кратенка или старото име „Република Македонија“. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати една одлично структуирана Резолуција, да стане предмет на партиски калкулации и пазарења, велат од партијата на Мицкоски.




– Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ останува на предложениот концепт за единство на сите политички партии, зад текстот кој е создаден и напишан од врвните научни, образовни и општествени институции МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА.Фактот што СДСМ одлучи да го промени својот став по трет пат и да отвора теми кои не се поврзани со содржината на резолуцијата, за жал ги ослабнува позициите на Македонија во било какви идни разговори со Бугарија, изјави Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.




Реагираа од СДСМ. „Дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја предлагаат Резолуцијата за да се усвои или за да заглави во формални процедури заради нивниот лажен патриотизам?“, прашуваат од владејачката партија, додавајќи дека одредбите на македонскиот Устав не може да се почитуваат селективно.




Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ минатата недела влезе во собраниска процедура, но нејзината судбина останува неизвесна. Од собранискиот спикер Талат Џафери се уште нема одговор дали ќе ја прифати како уредна и кога би можела да се најде на дневен ред пред пратениците.

Претходна статијаСергеј Варошлија се врати на ТВ – во свој препознатлив стил, „партал“ ја направи Цеца (ВИДЕО)
Следна статијаД-р Сашко Николов објави фото од девојката од Штип и се прости од неа (ФОТО)