Проф. Трајковски: Не е ништо завршено – Германија воведе мерки на граница, а и во Британија состојбата добива поинаков тек

0

Познатиот професор по Механика од Битола, Дејан Трајковски, синоќа во статус на социјалните мрежи, повторно, како и многупати порано, укажува дека сепак, ништо не е завршено и не треба да има опуштање:

„…Полека наближуваме до важната граница од 20 нови случаи за 14 дена на 100.000 жители, границата на прв степен на ризик од ширење на заразата, односно нивото на спорадично заразување.

Ефективниот репродукциски број Rt по малку се поткрева, но можеме да сметаме дека тоа повеќе се должи на приближувањето на долното плато (нивото на спорадично заразување) отколку на зголемената преносливост на вирусот – барем засега.

Ќе ја следиме ситуацијата во Велика Британија, европскиот рекордер според стапка на вакцинираност, каде ефективниот репродукциски број веќе извесно време е над единица и каде индискиот сој на вирусот B.1.517 забрзано се шири во градовите со поголема застапеност на индиско население.

Бројките засега им се мали, но Rt>1 (мерилото на забрзувањето) кажува дека порастот на бројките е неминовен. За сите коишто мислат дека кај нас бранот е сузбиен благодарение на доволниот степен на колективен имунитет од прележување, еве еден разочарувачки податок.

Во Велика Британија, земја со официјално поголема кумулативна инциденца отколку во Македонија (имаат поголем вкупен број на дијагностицирани од почетокот на епидемијате до денес, сметано на милион жители) и стапка на вакцинираност со најмалку една доза вакцина од речиси 60%, а со две дози од близу 40%, седумдневниот просек на дневниот број на новодијагностицирани на милион жители изнесува 43, наспроти македонските 16.

Тоа воглавно се должи на индискиот сој на вирусот и ова нека им послужи како последно предупредување на нашите власти за затворање на границите, ако не сакаат да го видат истото сценарио и тука. Посериозните европски држави, на пример Германија, веќе наметнаа ограничувања за влез во државата.

Мерките се преземаат додека вирусот не пристигне, бидејќи потоа ќе биде доцна. Патем, да не заборавиме дека кај нас стапката на вакцинација со најмалку една доза изнесува одвај 11,2%, а со две дози занемарливи 3,4%.

Кога сме веќе кај потребниот степен на колективен имунитет, кој врз основа на темпото на спуштање на епидемиолошката крива и некои други фактори пред извесно време го проценив на 50% – 65%, сега морам да дадам една разочарувачка корекција. Врз основа на еден друг показател, стапката на серопреваленција (присуство на IgG антитела во крвта, индикатор на прележаност на ковид-19), работите не изгледаат ни оддалеку толку розово.

За таа цел ќе се потсетиме на скринингот на неутрализирачки (IgG) антитела извршен во Скопје на почетокот од март 2021 од страна на Институтот за имунобиологија и хумана генетика.

„Обработката на податоците покажа дека 31 отсто од испитаниците имаат антитела или секој трет граѓанин прележал COVID-19. Во анализата беа земени примероци и од луѓе кои знаеле дека го прележале вирусот, но и од испитаници кои не биле заразени или пак не знаеле дека прележале“, рече директорот на Институтот Александар Петличковски за порталот „Сакам да кажам“.

„Ваквите разултати кажуваат дека земјава е на половина пат кон создавање колективен имунитет, за што е потребно болеста да ја прележат најмалку 60 отсто од граѓаните.“ објасни тогаш Петличковски.

Иако испитувањето беше спрведено само со граѓаните на Скопје и тоа непосредно на почетокот на пролетниот бран, моите најпрости пресметки покажуваат дека во државни рамки денеска, по завршувањето на пролетниот бран, стапката на серопреваленција многу не се покачила“, пишува во својот статус меѓудругото професорот Трајковски.

Претходна статијаТања Кочовска едвај спасила жива глава во Бугарија
Следна статијаМарјана Станојковска ја нема во ЛОТО, еве која колешка ја замени (ФОТО)