Пред повеќе од еден месец, порталот СДК објави дека во руралниот дел на Општина Аеродром, односно во селото Лисиче ќе се прават голф терени како дел од проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“. Терените ќе се протегаат на површина од 15 хектари, а за нивна изградба и ставање во функција ќе бидат потребни 2,5 милиони евра.
Од Општина Аеродром најавуваат дека овој проект би се реализирал за две години, односно во 2023 Скопје и земјава за прв пат ќе добијат голф комплекс, што било долгогодишно барање на голф федерацијата.
„Успеавме да пронајдеме соодветен простор односно земјиште кое досега се користело како дива депонија. Овој простор е соодветен за вакви терени. Просторот ќе го зазелениме, нема да има шанси во иднина да прерасне во градежна парцела за објекти, а воедно и ќе го уредиме и ќе го развиеме овој спорт“, рече во јануари Александар Георгиевски, шеф на кабинет на градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин за СДК.
Дел од средствата за овој проект како што објаснува Георгиевски ќе се обезбедат преку Европската унија преку грант за рурален туризам, а другиот дел ќе го бараат од домашни компании.
„Идејата е да понудиме на 30 фирми да се рекламираат одреден период на голф терените, а за возврат да инвестираат по 50.000 евра . Со тоа би обезбедиле 1,5 милиони евра за нивна изградба, а останатите еден милион со грант за рурален развој“, додаде Гергиевски.
Со терените ќе стопанисува Општината односно јавното претпријатие за развојни проекти од локално значење, кое ќе биде прво од ваков тип кај нас.
Општина Аеродром вчера го презентираше проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“, кој предвидува програма за четиригодишно работење со кои во 2025 година ќе стане единствена општина со европски стандарди во земјава.
Беа најавени дваесет проекти за чиста животна средина, квалитетно урбано живеење и развој на руралните делови од општината, кои покрај со пари од буџетот ќе се реализираат и со средства и грантови од Европската унија, пренесе СДК.мк
Златко Марин и претседателот на голф федерацијата на Македонија Наум Јанакиев, денеска потпишаа Меморандум за соработка. Со ова како што информираат од Општината се отвора патот за изградба на голф терени во руралниот дел од Општината.
Градоначалникот Златко Марин вели дека изградбата на голф терените ќе ја стави Општина Аеродром на мапата на светските дестинации за развивање на голф туризам по примерот на земјите од регионот.
„Потпишувањето на овој меморандум е од огромно значење за Општина Аеродром, затоа што отвора едно сосема ново поглавје во областа на спортот и популаризација на голфот во нашата држава.
Интензивно ќе работиме на реализација на идејата за изградба на првите голф терени во нашата земја“, изјави градоначалникот Златко Марин.
Општина Аеродром ги најави голф терените при презентацијата на проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“. Терените ќе се градат во руралниот дел на Општина Аеродром односно во селото Лисиче, ќе се протегаат на површина од 15 хектари, а за нивна изградба и ставање во функција потребни се 2,5 милиони евра. Дел од средствата за овој проект ќе се обезбедат преку Европската унија преку грант за рурален туризам, а другиот дел ќе го бараат од домашни компании, пренесе СДК.мк
Градоначалникот Мaрин и на својот профил на социјалните мрежи објави за оваа одлука и средбата со претседателот на голф федерацијата на Македонија Наум Јанакиев:
„Со задоволство денеска го потпишав Меморандумот за соработка со претседателот на Македонската голф-федерација, Наум Јанакиев, со што го отворивме патот за изградба на голф-терен во Аеродром.
Потпишувањето на овој Меморандум е од огромно значење за Општина Аеродром, затоа што отвора едно сосема ново поглавје во областа на спортот и популаризација на голфот во нашата држава.
Изградбата на голф-терените е еден од капиталните проекти во рамките на стратегиската платформа „Аеродром – прва општина со европско знаменце“. Спортот останува еден од врвните приоритети на Општината.“