Според Ефтов, Сашо Мијалков цело време бил во соседен објект до неговата куќа

0

Македонската јавност веќе три дена е преокупирана со случајот Мијалков, кој во неделата не можеше да биде пронајден од органите за да му биде врачена одлука за куќен при твор, во пресрет на денешната завршница на неговиот судски процес.

Но, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, на изненадување на сите, во вторникот се појави пред Јавното обвинителство за да го подигне решението и притоа даде изјава за новинарот Мишко Иванов од ТВ 24:

„Дури утрово разбрав дека ме бараат и навистина ми е жал што предизвикав дилеми во јавноста. Еве ме, веднаш штом разбрав дојдов во обвинителството. Вчера бев болен и бев изолиран од семејството.

Имав симптоми на корона и затоа сакав да се изолирам. Одам да го видам решението. Оној што ме познава знае дека кога ќе дадам збор нема да го погазам и нема да бегам“ – изјави Мијалков за ТВ 24.

Тој притоа им се извини на граѓаните, на премиерот, Владата и на сите други институции за непријатностите што биле предизвикани.

Премиерот Зоран Заев, истиот ден на прес конференцијата рече дека правдата е задоволена и дека тој лично ја предводел акцијата со која Мијалков бил приморан да се појави пред органите на државата.

Во спротивно, како што нагласи Заев, Мијалков ќе се соочел со непријатности не само по него, туку и по неговите најблиски кои му помагале, но немало да биде поштеден и неговиот имот, бидејќи законот дозволувал пошироки мерки.

Сите овие денови во јавноста се нагаѓа дали Сашо Мијалков ја напуштил државата, па се вратил. Некои тези велат дека тој стигнал до Белград, а потоа под притисок на македонските власти и укажувањата за проблемите кои што може да ги имаат неговите најблиски, се вратил.

Според новинарот Васко Ефтов, дејствието се одвивало на еден сосема поинаков начин. Неговите сознанија се дека Сашо Мијалков не ја напуштил Македонија, па ниту градот Скопје, туку дека цело време бил дома, односно во близина на својот дом.

-За разлика од Никола Груевски, чие напуштање на земјава беше добро смислена акција, во случајот со Сашо Мијалков тоа не е така, вели Ефтов, во неговата авторка емисија „Во Центар“, која се емитува на социјалната мрежа Јутјуб.

Мијалков во неделата претпладне седел во кафетерија во близина на хотелот Мериот, а потоа заедно со сопругата прошетале по улицата „Максим Горки“. Околу 15 часот неговото возило излегло од подземните гаражи на хотелот.

Тезите на многумина беа дека во возилото заедно со сопругата не бил Сашо Мијалков, туку само неговиот телефон. Но тоа не е точно, вели Ефтов. Во возилото бил и Мијалков.

Тие заедно пристигнале во неговата куќа на Водно, но потоа, Мијалков преку подземен тунел се упатил во соседен објект, кој е лоциран на 50 до 100 метри од неговата куќа и таму престојувал.

Во куќата има и блиндирана соба, каде се влегува со шифра. Кога полицијата правела претрес, ја провериле таа просторија и нормално не го нашле, бидејќи тие во тој момент не знаеле за тунелот.

Но следниот ден, според Ефтов, кога министерот Спасовски давал изјава, тие веќе имале дојава околу засолништето на Мијалков и му дале сигнал дека доколку не се појави, ќе биде приведен. Ова според Васко Ефтов е верзијата за засолништето на Сашо Мијалков во текот на двата дена.

Анализата на Васко Ефтов, можете да ја видите ТУКА

Претходна статијаГога Секулиќ: Пејачите не треба да плаќаат сметки додека не работат
Следна статијаД-р Горан Николов му се обрати на министерот Филипче: Доколку некој од колегите се откаже, би сакал да бидам имунизиран