Д-р Горан Николов му се обрати на министерот Филипче: Доколку некој од колегите се откаже, би сакал да бидам имунизиран

0

Пред десетина денови, поточно на 14 февруари оваа година, во нашата држава пристигна контингент од четири илјади вакцини со кои започна имунизацијата и кај нас. Дозите беа донација од соседна Србија, а ги донесе лично претседателот на оваа земја, Александар Вучиќ.

Нашата држава беше една од ретките во Европа и Светот, каде имунизацијата сè уште не беше започната. „Со пакетот од 4.680 од вкупно 8.000 вакцини, што ни пристигна денес од Србија, започнува процесот на имунизација од КОВИД-19 во Северна Македонија.

Ова е израз на пријателска и соседска подадена рака за поддршка и прва помош за македонските граѓани додека да стигнат вакцините што Владата на Република Северна Македонија ги обезбеди преку механизмот КОВАКС и директно преку производителите Фајзер и Синофарм.

Вакцините од Србија ќе влезат во Националниот оперативен план за вакцинација што Министерството за здравство веќе го објави и кој постојано ќе се ажурира согласно динамиката на пристигнување на останатите договорени вакцини. Утврдени се и приоритетните групи за вакцинирање.

Уште еднаш упатувам голема благодарност до српскиот народ, до претседателот Александар Вучиќ и до премиерката Брнабиќ, што како израз на драгоцен чин на пријателство, Република Србија денеска солидарно споделува дел од своите вакцини со народот на Северна Македонија..

Овој чин ги зацврстува и им дава светла перспектива на односите меѓу Србија и Северна Македонија, кои се традиционално пријателски. На овој убав ден посакувам и повикувам на сечив придонес, за да биде мир, здравје и љубов на Балканите“, рече премиерот Заев, кој на граничниот премин го пречека Вучиќ во таа прилика.

Завчера пристигна и втората пратка на вакцини од Србија. Со овој чин на пријателство и добрососедство, а на иницијатива на премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ги вакцинираме сите здравствени работници кои работеа и работат со КОВИД пациенти, напиша министерот за здравство Венко Филипче на социјалните мрежи.

-Досега 1300 се вакцинирани и целата количина од 8.190 дози ќе биде доволна за нашите херои кои една година се во првите редови во борбата со вирусот. Се заблагодарувам на целиот српски народ, нашата меѓузаемна грижа и поддршката продолжува и понатаму, рече Филипче.

Со првите дози, се имунизираат здравствените работници во земјава, кои се во директен контакт со ковид пациенти. Но се појавија реакции од приватните лекари, пред сè матичните, кои прашаа кога тие ќе бидат имунизирани, бидејќи и тие исто така се во контакт со ковид пациенти.

Вчера на социјалните мрежи, до министерот Венко Филипче, со молба да биде имунизиран, се обрати сопственикот на приватната интернистичка ординација „Срце“, од Скопје:

„Молба. Почитуван министре за здравство доцент д-р Венко Филипче, почитувани помлади колешки и колеги!

Доколку некој од Вас од разно-разни причини не сака да ја прими, односно се откажува од вакцината за COVID 19, ако е можна замена, јас д-р Горан Николов лекар специјалист интернист-кардиолог се пријавувам и би прифатил да се вакцинирам.

Патем мора да напоменам дека водејќи го ПЗО СРЦЕ и работејќи цело време од почетокот на пандемијата без прекин, а мојата возраст се полни 65 години, е причината за ова мое јавно обраќање кон Вас колеги.

Конечно и ние вработените во приватниот здравствен сектор заедно со сите Вас ја споделуваме и преземаме дел од работата на Јавното здравство во справувањето со другите заболувања. Скопје, 25.2.2021 год.“

Претходна статијаСпоред Ефтов, Сашо Мијалков цело време бил во соседен објект до неговата куќа
Следна статијаПеро Антиќ проговори дали е во врска со познатата манекенка