Уште од почетокот на имунизацијата, во јавноста се појавија информации дека во иднина, можеби ќе биде воведен некаков документ, кој ќе покажува дали одредено лице е имунизирано. Таквиот документ, пред сè би се користел при патувањата.
Грција која минатото лето претрпе огромни економски загуби поради затворањето на земјата за туристи, за оваа сезона најавува дека најверојатно ќе биде дозволен влез на туристи со негативен тест, а оние кои ќе покажат доказ за имунизација, би имале отворен влез во земјата, без тест.
Шведска досега беше позната по својот „специјален пат“ во пандемијата на коронавирусот. Наместо локдаун и рестрикции, како во другите европски земји, Швеѓаните прво одеа кон т.н. имунитет на стадо, а подоцна се потпираа врз разумот на луѓето.
Таквиот однос во пандемијата беше мета на многу критики, особено поради високиот број инфицирани. Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, во Шведска досега со коронавирус се заразиле повеќе од 600.000 луѓе, пренесува Дојче Веле.
Сега земјата, заедно со Данска, повторно тргнува на специјален пат и сака до лето да воведе дигитален пасош за имунизација.
Шведскиот министер за дигитален развој Андерс Игеман објаснува дека во прва линија станува збор за тоа на едноставен начин да се докаже дека лицето е имунизирано.
Такви докази би можеле во иднина да бидат важни, на пример, при патување во други земји, или на културни и спортски манифестации. Дигиталната инфраструктура за пасошот за вакцинација би требало да е подготвена до 1 јуни, а во подготовките учествуваат повеќе институции.
Данска ги обелодени своите планови за пасоши за вакцинираните пред Шведска. Пасошите би требало пред се’ да ги олеснат службените патувања. Доказот за вакцинација би се добивал преку интернет страницата на данското Министерството за здравство или преку смартфон.
Во моментов од дигитален пасош за имунизација би профитирале само мал број луѓе. Онлајн-платформата Our World in Data (состојба 14.02.2021) објави дека во Данска досега се вакцинирани 6,87% од населението, а во Шведска – 4,53%.
Тоа значи дека стапката на вакцинација во двете земји е слична како во Германија (4,95%) и во Европската унија. За споредба – Израел, кој предводи по бројот на вакцинирани лица против коронавирусот, досега вакцинираше 74% од своето население.
Дали некогаш ќе биде вакцинирано мнозинството Швеѓани, е нејасно. Земјата важи за критички настроена кон вакцинирањето откако масовната имунизација против свински грип пред околу 10 години имаше делумно лоши здравствени последици по децата и младите.
Дали пасошот за имунизација би бил воведен и во Германија? Во моментов такво нешто изгледа неверојатно. Неодамна Советот за етика во Германија се изјасни против пасош за имунизација.
Според Советот, се’ уште не може да се исклучи дека вакцинираните и натаму го пренесуваат вирусот. Носењето маска и држењето неопходно растојание, според Советот, е и натаму разумно.
Доколку се утврди дека вакцинираните не го пренесувата вирусот, тогаш би имало повеќе простор за размислување во друга насока, се вели оттаму.
Целиот текст прочитајте го на Дојче Веле