Интервјуто на еден од нашите најпознати пејачи и најдобри вокали, Наум Петрески, кој беше гостин во новото издание на ТВ магазинот „Бекстејџ“, предизвика големи реакции во јавноста и на социјалните мрежи.
– Еве, јас ќе и кажам финансиски дека за последнава година сум 60, 70 илјади евра во минус. Живееме со платата од жена ми и пензијата од мајка ми, меѓутоа тоа е… Потоа Наум рече дека од тие пари тешко се живее и дека едвај чека да им се врати на настапите.
Наум пред повеќе од два месеци, кажа дека е навреден од одлуката на Владата на пејачите кои изминативе месеци имаа минимален број на настапи да им се исплати парична помош, две минимални плати од 21.776 денари. За Фокус, тој даде изјава дека не ја прифаќа оваа помош:
„По 34 години на естрадата, по повеќе од три децении пеење, што треба да направам, дали треба да менувам професија? Да бев на почеток на кариера, никогаш не ќе вложев толку пари во музиката, за да можат сите да уживаат, туку ќе отворев фабрика. Тоа многумина го направија, па дури и по 1.000 луѓе им работат за минималец.
Мислам дека тогаш дури и ќе бев многу повеќе ценет, отколку сега, по сите овие хуманитарни дејствија кои ги имав 34 години наназад, можеби и над 5.000 настапи за некого или за нешто.
Ние ќе преживееме, и ќе живееме уште многу подолго од политичарите, од нивните внуци и правнуци преку тоа што сме го создале сами, без помош од државата, а истата јас сум ја претставувал низ стотици земји и отворања на македонски културни центри.
Но, парите се за туѓи, странски пејачи, а ние сме за хуманитарни настапи. Сето тоа многу бргу го заборави овој народ за кого сме правеле песни и вложувале многу, многу пари, за да нè направат невредни!
Од кога прочитав што мисли дел од народот за нас, пејачите и музичарите, повеќе нема никој да поздравам, па уште не дај Боже некој од нив да ме фати за рака!
Нас не оставија без работа, иако ние немаме врска со негово ширење. Ако се прашувам јас, треба за финансискиот дел во земјава да се преземат законите од Норвешка или Шведска, каде пратениците ќе земаат иста плата како наставниците.
Да им се укинат сите бенефиции кои си ги изгласаа и се заштитија како ретки егзотични животни! Да одат од Владата на работа со велосипед, а не со стотици возила и со обезбедување, да се лекуваат комплекси и да се покажува уште и сила врз нас, слободоумните луѓе! “, објасни Петрески.
Оваа изјава на Наум Петрески ја пренесоа речиси сите портали во државата и се развија многу дебати. Наум Петрески за Фокус објасни некои аспекти од неговата изјава и ги дополни своите ставови.
Тој за „Фокус“ раскажува дека кој не сака да слуша македонска музика, што се однесува до него, може да си слуша странска, и е изненаден што дошло време кога, како што вели, е напаѓан поради тоа што цел живот инвестирал во домашната музика.
-Повеќе не ги читам лошите коментари во кои ме напаѓаат. Никогаш не сум сакал да се експонирам, ниту пак ми требал публицитет, но многу бргу се заборава кога човек помагал, донирал, пеел хуманитарно.
Средствата одобрени од државата како помош на естрадните работници ги донирав. Донирав систем за нуркачкиот клуб ,,Охрид” од Охрид и детергенти за манастирот Света Пречиста во Кичево.
Секогаш донирам во кујната за сиромашни и бездомници во Света Петка. Тоа го правам од се срце и мислам дека нема зошто јавно да го кажувам и потенцирам, но ете кај нас, очигледно има народ кој едвај чека некого да нападне. Чесните со векови страдаат од таквите – вели Петрески.
Додава дека бил кр водарител околу 35 пати, а исто толку години е и дел од сцената.
-Ја давав мојата к -рв, како што и целиот мој живот го дадов за македонската музика. Колку што сум помогнал во овие 35 години, не може ни да се напише, нема толку страници во тетратките.
Да знаев дека ќе дојде вакво време, дека ќе бидам мета на вакви напади, поради тоа што сакам чесно да го работам тоа кое најдобро го умеам и е мојот живот, пеењето, сигурно дека ќе инвестирав во некоја друга професија, фабрика ќе отворев.
Ова е тежок период за естрадните уметници, но нема потреба од сите оркестрирани напади врз нашата фела. Никој никого не го натерал на сила да слуша тоа што не сака.
Ги блокирам сите кои ме напаѓаат, јас сум позитивна личност и се тргам од негативната енергија. Жално е што дочекавме вакво време, да се надеваме дека кризата наскоро ќе биде зад нас – порача музичарот за неделникот Фокус.
Фото: Јутјуб принтскрин